Салата „Борис Трајковски“ вчера вечер беше исполнета со емоции, пред и по завршување на реванш дуелот со Чешка, кој нашите момци го добија со 27-25 и заверија нова мундијалска виза. Противниците за СП 2023 кое ќе се одржи во Полска и Чешка, ќе бидат познати на 2. јули, Македонија се најде во вториот шешир пред ждрепката.
Пред 7.000 навивачи, ракометарите останаа непобедливи во Скопје, не само против Чешка, туку и ја продолжија серијата која трае долго време.
Овој меч беше посебен од повеќе аспекти. Беше последен за Филип Миркуловски, беше последен за Стојанче Стоилов, а најверојатно и за Кирил Лазаров. Публиката за последен пат ја виде Македонија во еден ваков состав, на следните мечеви ќе има промени, се очекува новата Македонија полека да зачекори по патот кој поискусните репрезентативци широко им го отворија.