Мукаетов: Спортистите покажаа дека имаат достоинство, нешто што фали во оваа држава!

211

На Седницата на Управен одбор при РФМ една од точките беше настапот на машката сениорска репрезентација во бараж мечевите за место на Светското првенство 2023 година кое ќе се одржи во Полска и Шведска. Македонија обезбеди нова мундијалска виза, а задоволството од она што го видовме сите во сите четири мечеви е големо и кај членовите на Управниот одбор. Сите потенцираа дека се посебно горди на она што момците го одиграа, а особено од прикажаното на реванш дуелот против Чешка, од организациски аспект до играта на ракометарите.

Свој збор зеде и претседателот Живко Мукаетов, кој години им овозможува на сите селекции европски и светски услови за функционирање.

„Благодарност до членовите на Управниот одбор, до стручниот штаб и до сите репрезентативците. Сметам дека се издигнавме после еден тежок период. Голема инјекција беше можноста да играме пред полни сали, се покажа како голем мотив. Како репрезентација и како луѓе сме емотивни. Мотивацијата е друга кога играте пред полна сала. За мене задоволството е големо, спортистите покажаа дека имаат достоинство, нешто што фали во оваа држава, покажаа како треба да се борат за државата, како поединци и како тим.

Големо браво, задоволство што сме дел од оваа приказна, што полека се случува промената на генерација, од тој аспект, зреат играчите од кои очекувавме да бидат носители“, рече Мукаетов.

Тој искажа голема благодарност до Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски, кои официјално ставија крај на своите репрезентативни кариери.

„Играчите кои беа столбови за жал одлучија да се повлечат, огромно благодарност до Стоилов и Миркуловски, за селекторот ќе видиме како ќе биде. Сите заслужуваат величенствено испраќање. Планираме пред крајот на годината да направиме посебна форма, да организираме специјално испраѓање, во договор со играчите, сакаме да им се зблагодариме на вистински начин, да биде со публика во сала, баш онака како што заслужиле.

Благодарност за се што пружија, не само што дадоа за македонската репрезентација, тие беа пример, учители, единица мерка како треба да се однесува еден државен репрезентативец, модели од кои треба да учат младите ракометари. Одиме понатаму“, беа зборовите на Мукаетов.

Пред говорот на првиот човек на РФМ се вклучија, Комесарот за натпреварување, Славе Николов, кој е познат меѓународен судија, тој испрати комплименти за целосната организација на дуелот против Чешка во Скопје, им честиташе за неверојатните услови.

Честитики испрати и Гордана Нацева, поранешната македонска репрезентативка.

„Видовме неверојатни емоции, националното чувство е неверојатно, имаше не знам кога последен пат публиката останала 15 минути по еден меч да пее. По сето она што ни се случува во општеството ова беше како мелем на раната. Честики до вас, активно учествуваше и претседателот на државата. Горда сум што сум дел од оваа седница на УО“.

ПретходноНови услови за супер-лигашите во машка и женска конкуренција, играчите со ограничен настап во младинските лиги
СледноПотврда за квалитетот: РФМ и Скопје домаќини на Светско кадетско првенство!