Битката за титулата ја доби Вардар. Избраниците на Давид Дејвис не дозволија да бидат симнати од тронот, го совладаа директниот конкурент Е.Пелистер со 23-26 (11-11). До крајот на сезоната остануваат уште три кола, јасно е дека „црвено-црните“ нема да си дозволат кикс на следните средби и ќе го подигнат 15. пехар. Битола останува да сонува за пехарот, на кој се нема израдувано цели 17 години.
Пред преполни трибини се играше дербито за тронот во мак-ракометот. Во салата „Боро Чурелвски“ нема каде да падне игла, на едната страна грмат „Комити“, на другата страна „Чкембарите“…сите имаат еден сон – титула.
Во составот на актуелниот првак се вратија Дибиров и Тото, но го нема Гаџа, во составот на домаќинот не се најде Периќ.
Дека ова ќе биде неизвесна битка до самиот крај, покажа првото полувреме, кое заврши 11-11. Маркоски го отвори мечот со 1-0, Талески и Дибиров зголемија на 1-2. Секељи му помогна на својот тим да дојде до водство од 4-3 во деветата минута. По последните 6-5, Вардар со серија од 4-0 дојде на плус три (6-9) во 20. минута. Моралес, Дибиров и Георгиевски зголемија на на плус три (7-10).
Мандалиниќ го прекина налетот на гостите, на другата гостите не искористија напад за плсу четири и влезе во поентерска криза. Е.Пелистер влезе во ритам израмни на 10-10 во 26. минута. Додиќ го прекина налетот на кратко, на другата страна битолчани преку Обрадовиќ веднаш израмнија на 11-11.
Сликата се промени, одбраните паднаа, второто полувреме беше поефикасно.
Вардар набрзина дојде на плус два во вториот дел 12-14, но битолчани со серија од 3-0 го вратија водството 15-14. Талески и Моралес, најефикасните кај гостите до овој дел од мечот погодија за 15-16 во 39. минута. Обрадовиќ успеа да израмни, па дуелот влезе во ритамот гол за гол. Табоада, по одбраната на Секељи, зголеми на 18-17.
Се сменија улогите на теренот ама на кратко, домаќинот беше тој, кој ја имаше предноста од еден погодок. И двата тима промашија по еден седмерец. Ристовски влезе на местото на Томовски, запиша важна одбрана во 17 минута, Георгиевски и Талески зголемија на 19-21 во 50. минута.
И како непишано правило, битолчани лесно дојдоа до голот на Вардар, поведоа со 22-21 во 53 минута, секако на крилата на Секељи, кој заедно со Борко ги имаа главните улоги на теренот.
Стоилов како вистински капитен, го повлече тимот, Борко запиша нова одбрана, а заедно со Моралес зголемија на плус три (22-25) во 58 минута. За крај на сите надежи. Домаќинот намали на 23-25, но немаше сили да дојде до реми. Ристовски ја затвори мрежата на својот тим за голема радост.
Моралес со девет гола беше прв стрелец, зад него беше Талески со шест погодоци. Борко запиша осум одбрани. На другата страна Секељи запиша 12 интервенции, Обрадовиќ беше стрелец на пет гола.