Ех, да беше вака со Грузија, а не со Гибралтар…

211

Перфектни, идеални и моќни први 30 минута на Македонија која во тој дел од мечот ја наполни мрежата на Гибралтар, броеше до 4 и застана…

Бесот по болниот скопски пораз од Грузија го истуривме против најслабиот во групата. Убаво е да се гледа како полниме мрежи, како победуваме, па било тоа и со еден Гибралтар.

Ех, да беше само вака пред некој ден со Грузија па да се надеваме на нова шанса на ЕП. И со најдобрите на времето вака ги победувавме а еве и сега си истите тие 4:0 дома и 0:2 на гости. Ваквите дуели се шанса да се видат новите, потенцијалот, да се проверат силите на оние кои често се во сенка на „недопирливите“.

Има и штоф, и потенцијал и квалитет, но треба храброст која Благоја Милевски ја има за да се стигне до поголем ростер, поголем избор и поконкурентна репрезентација. Ги видовме денеска Фазлагиќ кој треба да биде новиот Адеми, Тоше (малиот), така го викаа во Вардар кој е опција за Стефан Ристовски па и Серафимов кој е добра алтернатива за бедемот на Велковски и Муслиу.

Деби за Етеми, Димовски, Гроздановски… Два гола за самодоверба на Миовски, па истото може да се каже и за Чурлинов. Барди е Барди и тој си е класа со тоа што по неговата бомба уште во третата минута се беше некако лесно, елегантно и едноставно…

Штета за оној пораз од Грузија, но ова се Лига на нации каде ние секогаш ги губиме главните битки со главните ривали. Двапати до сега од Ерменија и еве сега од Грузија. Хероите играа на ЕП благодарение токму на Гибралтар кој и сега може да биде наш спасител. Теоријата за лидерско место во групата се врати откако Бугарија попладнево одигра 0:0 во Грузија. Има за нас две теории.

Да тепаме во Тбилиси со 4:0 (на крај се гледа меѓусебен дуел), или само победа а Гибралтар да не загуби дома од Грузија. На Македонија повторно некој друг треба да и помага. Гибралтар е нашата среќна надеж која еднаш веќе ни го отвори патот кон ЕП а еве во септември има нова шанса за нов таков предизвик. Броевме до 4 и застанавме за да не ги утепаме и да им дадеме мотив да играат повторно за нас.

Ако успеат сега треба и премија да им дадеме…!

ПретходноМиовски: Да се даде гол на Националната арена е нешто навистина посебно
СледноФазлагиќ: Оваа репрезентација на секој меч оди на победа