Вардар 1961 го загуби местото во Лигата на шампиони. ЕХФ одлучи да го исклучи двократниот освојувач на титулата во ова натпреварување поради стари долгови кон некогашните членови.
Овој потег на ЕХФ менува многу работи за следната сезона. Вардар 1961 пред крајот на минатата сезона градеше тим за Лига на шампиони, па одговорот на прашањето околу плановите за во иднина ќе биде познат денеска.
Првиот човек на клубот, Михајло Михајловски пред новинарите ќе ги отвори картите. Познато е дека македонскиот првак задоцни со уплатата на средствата на сметка на ЕХФ, а дека истовремено дел од депозитот не им бил вратен за да можат да ги исчистат долгувањата.
Иако била понудена и банкарска гаранција, во ЕХФ не прифатиле. До пред неколку дена од таборот на „црвено-црните“ тврдеа дека нема официјална тужба, но неофицијално дознаваме дека Хорхе Македа и Жоан Кањелас одлучиле по судски пат да ги бараат своите пари.
За да целата ситуација биде уште покомплицирана, Вардар 1961 засега останува и без СЕХА-лига која е во мирување поради воената агресија на Русија врз Украина.
Па следната сезона единствено првенство во кое ќе се натпреварува е домашното.