Портите на Вардар 1961 кон четвртфиналето во СЕХА-лига се ширум отворени. Македонскиот тим ја совлада Металопластика на првиот осминафинален натпревар со 39-31 и утре ќе има полесна задача, да ја одбрани позитивата од осум гола.
Стратегот, Стевче Алушовски е задоволен од играта на своите момци, за утре најави дека на теренот ќе истрчаат ракометарите кои во текот на сезоната добиваа помала шанса.
„Како што очекувавме ова беше еден лесен меч, да кажам полесен тренинг. Игравме со најдобрите со цел утре шанса да добијат и другите играчи. Крај на сезона е, па многу е тешко за оние ракометари кои го носеа товарот во текот на целата година. Честитики за играчите за се што направија денеска, забележавме убедлива победа без тензија и напор, се надевам на нова победа и утре“, изјави Алушовски, кој утре ќе се збогува со Вардар.
Ловро Јотиќ е еден од оние кои исто така го напуштаат Скопје, тој сака со победа да ја завршат сезоната.
„На крајот запишавме убедлива победа, примивме повеќе голови од тоа што планиравме, но ќе биде доволно за вториот меч. Се надевам дека утре шанса ќе добијат младите играчи. Сакам да победиме и на втората средба и да ја завршиме сезоната како што треба. Им честитам на Металопластика за фер борбата“, изјави Ловро Јотиќ.
ФОТО: РК ВАРДАР/Денис Дуковски