СПОРТМЕДИА во Сарагоса, Марија Ковачева
Македонската кошаркарска репрезентација денеска (19:30 часот) во Арената „Павиљон Принц Фелипе“ ќе ги одмери силите против актуелниот светски првак, Шпанија. Драган Бајиќ и неговите избраници немаат победа во првата фаза од квалификациите за место на Мундијалот во 2023 година.
Против силниот состав на Серџо Скариоло, Македонија ќе настапи во некомплетен состав, ситуација со која се соочува во текот на целиот квалификациски циклус, што пак од друга страна е голема штета бидејќи кошаркарите можеа да се изборат за место во следната рунда и да направат голем исчекор во обидот да ја вратат и публиката, но и да ја зголемат самодовербата за она што допрва следи.
Во отсуство на голем број поискусни играчи, Бајиќ во составот одлучи да стави двајца дебитанти. Едниот е Рубин Стефанов, кој има 17 години и настапува за младинскиот тим на Канти, додека вториот е 20 годишниот Виктор Ташовски од ТФТ.
Во составот се врати и Никола Јакимовски, заедно со Теодор Симиќ и Андреј Маслинко се очекува за неколку години да бидат едни од главните носители, на овој список се Дамјан Робев и Виктор Ефремовски.
Овие млади кошаркари заедно со поискусните како капитенот Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Стојан Ѓуроски, Адем Мекиќ и Кристијан Николов, ќе се обидат достојано да и се спротистават на Шпанија.
На првата средба во Скопје, Македонија беше поразена со 65-94. На оваа средба поради повреда не настапи Војдан, го немаше ниту Ненад Димитријевиќ, а добра партија пружи Симиќ кој запиша 18 поени.