Македонската ракометна репрезентација високо ја порази Турција со 31:22 во мечот кој може да одлучува за пласманот во полуфиналето на Медитеранските Игри во Оран. Составот предводен од селекторот Кирил Лазаров вечерва успеа да се соземе по поразот од Шпанија во минатото коло и да покаже дека има квалитети за борба и за медал.
Турците во добар дел од првото полувреме успеваа да одржат резултатска рамнотежа, иако нашите момци во два наврати успеаја да направат предност и од 4 гола разлика (6:2 и 12:8). На крај на одмор се замина со минимални 13:12.
Моќта на овој тим на Лазаров дојде до израз во вториот дел. Нашата репрезентација заигра многу подобро и од првата минута почна да ја зголемува предноста. Со 17:13 ги вративме оние +4 кои ги имавме во првиот дел, за највисоката предност од +9 гола да ја обезбедиме во завршницата кога влеговме со предност од 28:19.
На крајот Турците успеаја да врзат неколку погодоци и да се вратат на 7 гола негатива, но со фуриозен финиш повторно ја достигнавме највисоката предност од 9 гола за конечни 31:22.
Петровски беше фантастичен со 11 гола, додека по 4 постигнаа Петар Атанасијевиќ и Игор Ѓоргиев.
Сега ни преостанува да се надеваме дека утре Шпанија ќе одигра за нас и ќе ја порази селекцијата на Алжир што е предуслов Македонија да се протне во полуфиналето и битката за медалите.