Симиќ да не се повтори, КФСМ добро очи да отвори!

7790

✍️ Марија Ковачева

Кошаркарска Македонија доби уште еден тежок удар. Иднината на мак-баскетот ова лето беше поставена во погрешни раце, светлото на крајот од тунелот згасна во Измир. Јуниорската репрезентација, Европското првенство го заврши на трето место ама одзади во конкуренција на 16 екипи, позиција која не врати во Б Дивизија, прашање е дали и некогаш ќе имаме шанса да заиграме одново во „елитата“. Според моменталната ситуација, тоа ќе се случи само ако ФИБА уште еднаш ни подари место.

Разочарување! Зошто? Зошто токму во оваа генерација на кошаркари гледавме иднина, гледавме надеж, токму овие момци требаше да покажат и дека за бадијала не го чекавме ова ЕП со нетрпение.

Но, во Измир следеше шок. Шест порази и само една победа е епилогот на Тони Симиќ, главниот виновник за ова чудно лето.

Симиќ никогаш повеќе не треба да се повтори како селектор, а КФСМ за татко и син во една репрезентација да заборави. Доста беше услуга за услуга. Симиќ заедно со стручниот штаб очигледно не располага со потребниот капацитет за да во раце држи генерација која треба да оди напред, а не да се враќа назад. Во Измир требаше да се извади максимумот, но немаше кој да го стори тоа.

Предводникот на јуниорите си направи приватна забава, си одбра кошаркари по ќеиф, онака како што тој или некој друг посакуваше. Да бидеме сите искрени Македонија во Измир и не настапи во најсилниот состав. Симиќ селектираше – селективно.

Не во прашање синот на Врбица Стефанов, Рубин, кого немавме можност да го видиме ниту на пријателските натпревари, на кои Симиќ наместо да ги искористи за вистинска проверка на целиот капацитет, тој со шест играчи бркаше победи, да победи на пријателски натпревари. Не сме тренери, ама контролните мечеви служат за токму за проверка, а не за билдање на егото. Сега сите неговите седум победи на пријателските натпревари значат една голема НУЛА.

Мислејќи дека го има најдоброто и дека го одбрал вистинскиот состав, Симиќ тргна кон Измир да го освојува. Тргна со лажна слика, која сам он ја гледаше, дури и успеа да направи помпа дека Македонија го има најдоброто, а таму се му се удри од глава. Розевите очила брзо паднаа, за жал. Жал поради сите оние кои трпеа порази, а дојдоа да гинат.

Франција и Шпанија не се мерило на нашата сила, но Израел, особено Велика Британија која се чини дојде за забава во Измир, не победи во игра која до сега искрено не се памети. Ова беше противник, кој од скоро се чини почнал да се вложува во јуниорската генерација, со скок и 100 шутнати топки ја победи Македонија. Остана да се радуваме против Црна Гора која има проблем со генерацијата до 18 години.

Симиќ си направи приватно друштво, а КФСМ му дозволи. На списокот на селекторот го нема Ненад Јовановиќ, кошаркар кој игра во Италија. Ова е еден од оние играчи кои требаше исто така да се промовира во националниот дрес, а богами има и што да покаже. Но, на Симиќ неговите обврски кон клубот му дошле како кец на десетка, не сметал на него зошто ќе доцнел на подготовки. Чудно, Симиќ воведува некои норми и принципи во репрезентација, а самиот дозволува неговиот син да се однесува како сака на тренинзите, ако му се рога топки да ги рока, ако му се прават гримаси да ги прави…да не се повторуваме, во случајот Тео Симиќ ни малку е виновен.

Во една ситуација кога го нема Јовановиќ, кога за време на подготовки се случуваат чудни работи каде е федерацијата? Каде е спортскиот директор, каква функција има тој?

Ќе речат од федерација не се мешаат во списокот на селекторот, па нели е чудно да нема едно име како Јовановиќ, а да има играчи чије место и баш не е во националниот тим. Деца на функционери и на личности со поважни функции, деца од одбрано друштво на Симиќ отпатуваа за Измир. И списокот на оние кои заслужуваат да бидат во почесните 12 не завршува со Јовановиќ, каде е Дукоски, Благоески, Ѓорѓиоски…

И кога сме кај трпението за репрезентацијата. Федерацијата долго време за едни е мајка за други маќеа. Не може во време кога се случуваат чудни работи сите да бидат изненадени. Во ова раководство долго време се толерираат многу работи, дел од репрезентативците имаат поинаков третман и кога не заслужуваат, па оттука е чудно зошто на Јовановиќ не му се дозволи да се приклучи подоцна? Каде беше проблемот на Симиќ?

Кога сме кај Федерацијата, сакаме да прашаме каков ПР е тој што на официјалниот сајт дозволува да се пуштаат секакви изјави, како ПР е тој што зема изјави од други портали, нема свои.

Зошто лесно како федерација се откажуваат од иднината на македонската кошарка, зошто на деца до 18 години дозволуваат некој брзо да им ја одземе желбата да играат за Македонија, а други со молење ги принудуваат. И зошто системот спортски директор на релација со генерален секретар и претседател не функционира како што треба?

Утре кога Јовановиќ, Стефанов и ред други деца нема да сакаат да играат за Македонија, нема да ни биде никој виновен, зошто „ланците“ одамна се испупштени, за здрава генерација треба повеќе од обичен тренер. За жал кај нас селекторите се бираат по заобиколен пат.

Затоа КФСМ убаво да ги отвори очите, а богами и ушите, ова не е време за суети, ова е време кога Македонија мора да се гради, да се создава, долго време нема кој достојно да го замени Војдан или Дамјан, долго време немаме играч кој може цврсто да застане на терен и да не врати во едни поинакви моменти кога кошарката колку толку беше ИН.

Сега нивото е падното, во сала не може да се соберат 50 навивачи за сениорскиот тим.

Што побрзо се искоренат егоистите во кошарката, толку побрзо ќе фатиме некој правец! До тогаш светлото на крајот на тунелот нема да го гледаме!

ПретходноСоиграч на Пандев од Џенова може да заигра за Академија Пандев!
СледноЈунајтед му е омилена муштерија: „Не знам зошто, но редовно им давам голови!“