Првиот носител на УС Опен, Русинот Данил Медведев, убедливо се пласираше во третото коло од последниот Грен Слем турнир, откако утрово во три сета со 6:2, 7:5, 6:3 славеше над Французинот Артур Риндернек. Натпреварот траеше 2 часа и 13 минути, со само малку повеќе возбуда во вториот сет, но севкупно Медведев доминираше и обезбеди следно коло без премногу напор.
Следен противник на Русинот ќе биде Кинезот Јибин Ву, кој го совлада Нуњо Борхес со 6:7(3), 7:6(4), 4:6, 6:4, 6:4.
Во следната фаза оди и Енди Мареј. Британецот мораше да направи пресврт против Американецот Емилио Нава откако го загуби првиот сет со 5:7, но до крајот на мечот му препушти само три гема на противникот, совладувајќи го со 6:3, 6:1, 6:0.
Тешка победа оствари и Ник Кирјос. Австралиецот одигра речиси тричасовен меч со Бенџамин Бонзи успевајќи да победи со 7:6(3), 6:4, 4:6, 6:4 и да закаже следна средба со Американецот Џефри Волф.
Кај дфамите, шесткратната победничка на УС Опен, Серена Вилијамс, го продолжува учеството на турнирот, откако оствари тешка победа од 2:1 во сетови над втората носителка Анет Контавеит со 7:6(4), 2:6, 6:2. Натпреварот траеше речиси два и пол часа.