Спортмедиа анализа – Мирсад Јонуз: На 1:1 требаше да се „затвори“ натпреварот!

5563

По првиот меч на Македонија на едно големо натпреварување, и поразот од Австрија со 3:1, нашиот коментатор Мирсад Јонуз, инаку екс селектор, само за наште читатели го кажа следното:

Не треба сега да се критикуваат играчите. Мислам дека тие најмногу посакуваа добар резултат. Сметам дека на 1:1, кога имавме бод в џеб, требаше да се `затвори` натпреварот. Според мене измените не беа вистински. Потребни беа деструктивци, ако требаше и фаули да правиме, па и картони да добиваме, по секоја цена требаше да ги држиме тие 1:1. Но, ете, не успеавме. Сметам дека во одбраната имавме проблеми. Тоа Австрија го увиде, и успеа да го искористи. Посебно при противничката пас – игра и центаршутевите пред нашиот шеснаесетник имавме големи проблеми“ посочи Јонуз.

Инаку тој смета дека Стефан Ристовски треба да се врати на своето природно место, како десен бек.

Стефан е десен бек, тука најмногу може да покаже, а во исто време го губиме Николов, кој може со својата борбеност да одигра голема улога во средниот ред. Да, точно е тоа дека на моменти игравме добро, имавме добра игра, делувавме сосема квалитетно. Ама, на моменти. Се виде генерално дека топката тешко доаѓаше до Пандев, до таа негова позиција, каде што е најопасен. Браво за голот, за историскиот за Македонија гол на големите натпреварувања, браво и за атмосферата на Арената во Букурешт. Се виде исто дека Барди нема тренирано неколку дена, дека Елмас нема континуитет во Наполи. Секоја чест за борбеноста, желбата, но мислам дека некои момци не се физички сосема фит“.

Во продолжение од својот коментар, Јонуз вели дека има да се играат уште два меча, дека уште ништо не е загубено…

Така барем јас сметам. Треба само да се концентрираме, да видиме каде сме грешеле и со нови сили и оптимизам, секако и верба во себе да им се спротивставиме на Украина и Холандија. Реков на моменти делувавме добро, тоа треба да биде нашата надеж. Бевме блиску до бод, но ете, на дебито на големите натпреварувања сме поразени. На крајот ќе порачам дека нема потреба од преголемо разочарување, сепак ова е Европско првенство“ заврши коментаторот на Спортмедиа.

ПретходноМакедонска убавина во Букурешт… (ФОТОГАЛЕРИЈА)
СледноСтерлинг: Знаев дека еден ден ќе дадам гол на „Вембли“ на големо натпреварување