Ниту „Д“ од дерби во „Кале“: МЗТ Скопје и натаму е класа за Работнички (ФОТО)

344

МЗТ Скопје им се врати на победите во домашниот шампионат и тоа можеби на најдобар начин, го победи Работнички со 47-66 во првото вечно дерби оваа сезона. Изедначена игра гледавме само во првата четвртина, преостанатиот дел мина во знакот на „синобелите“.

Ова беше натпревар без квалитетна игра на двете страни, далеку од вистинско градско дерби.

Ајви постигна 16 поени, Крстевски запиша 14 поени, додека Војдан имаше 11 поени и 8 скока. На другата страна Крафорд запиша 16 поени.

Актуелниот македонски првак го отвори мечот со 3-11 по само четири минути игра. На другата страна домашниот состав одговори со серија од 10-0 и дојде до кратко водство од 13-11. Крстевски го прекина овој налет, се надоврзаа Авјви, Дамјан и Магдевски, по првите десет минути беше 14-19 во корист на тимот од Аеродром.

МЗТ Скопје не застана, во бледото издание на двата тима со бројни промашувања, подобро се снајде токму тимот предводен од Александар Петровиќ, кој во 15 минута поведе со двоцифрени 19-29 со тројката на одличниот Војдан. На одморот предноста беше изразена во 17 поени (22-39).

По одморот сликата на теренот беше катастрофална, по шест минути двата тима постигнаа вкупно 10 поени, четири домаќинот, шест гостинот, кој поведе со 26-45. Со пет поени во низа, Работнички успеа да намали на 31-45. Магдевски со тројка во 30 минута за 33-50 најави дека МЗТ е цврсто решен да го однесе целиот плен.

До крајот не се промени апсолутно ништо, Работнички имаше премногу изгубени топки, но и премалку реализирани поени, нешто што одамна се нема случено.

Во составот на МЗТ Скопје беше Адем Мекиќ, кој полека се враќа на терените по повредата.

ПретходноАх Мрме, Мрме… пак иста песна
СледноЕХФ анализа: Македонија има планина за искачување, но кога играш дома се е можно!