✍🏻 Марија Ковачева
Првиот ден на Европското првенство кое се одржува и во Скопје е зад нас. После десет години пауза македонската ракометна женска репрезентација се врати на едно континентално натпреварување.
На теренот во дресот на нашата татковина излезе генерацијата која допрва треба да созрева.
Деновите пред првиот судиски свиреж на ЕУРО 2022, сите, од прва до последна беа видливо возбудени и позитивни, чекајќи го непознатото чувство – да ги браниш боите на Македонија на едно големо натпреварување, а притоа да си домаќин на истото.
Пред да излезат на теренот ракометарките имаа само една желба – на трибините да видат бројни македонски навивачи, барем половина од поддршката во која пак машкиот национален тим ужива веќе долго време.
Оваа желба се исполни.
Но, колку и да беа подготвени за еден ваков предизвик, сепак емоциите беа поголеми. За време на интонирањето на македонската химна, дел не можеа да ги потиснат емоции, солзите сами капеа…Слика која најверојатно ниту тие, а ниту пак ние новинарите, па и целата македонска јавноста нема да ја заборавиме.
Тие искрени солзи покажаа колку овие девојки ја сакаат својата татковина, колку копнееле да се најдат на едно големо натпреварување. Тие искрени солзи говори за нивната желба да достојно да одиграат на теренот.
Беше тешко против актуелниот олимписки првак, Франција, тремата си го стори своето, чекавме 16 минути за да го видиме првиот гол, но сите оние кои барем малку биле на „жешкиот“ терен знаат со што се соочија нашите ракометарки.
Затоа убедливиот пораз не треба да погоди никој, а уште помалку да биде причина за било какво намалување на трудот, на секоја капка пот на теренот.
Вчера од СЦ „Борис Трајковски“ беа испратени силни пораки кои ги оставија без зборови и во Европската ракометна федерација, која не остана имуна на емотивниот момент при интонирање на македонската химна, како и на македонската публика која дефинитивно е најдобра.
Шаренилото од „црвени-жолтите“ бои беше изненадување на многумина, македонската фаланга му даде импулс на Европското првенство. Македонците дојдоа да ги поддржат ракометарките.
Па вчера, ако јас се прашувам: Солзите на девојките и македонската Фаланга се еднакви на победа.
Оваа слика да се повтори и утре против Холандија, да уживаме во деновите на европски ракомет, да се сплотиме како што секогаш тоа го правиме кога во прашање е спортот.