Фудбалерите на Холандија и Аргентина ќе се соочат меѓу себе во петок (20 ч.) во првиот четвртфинален меч на СП во Катар. Капитенот на Холандија Вирџил ван Дајк рече дека неговата селекција ја делат три меча до славата и сака да даде максимум на теренот.
„Ова е наша шанса. Имаме глад и сон за победа. Знам за претходните порази од Аргентина но тоа не ни прави притисок. Ова четвртфинале е посебно. Горд сум и среќен што ќе играм и што ќе имам шанса да ја приближам Холандија до полуфиналето. Сакаме да ги покажеме нашите квалитети, нашето единство, нашиот тимски дух“, истакна Ван Дајк.
За идејата како да се запре Лео Меси.
„Не се спремаме посебно за него, туку да ја победиме Аргентина. Знаеме каква улога имаше тој во успесите на “гаучосите“ во претходните години. Сепак, играме против Аргентина, а не посебно против него“, вели Ван Дајк.