По четвртипат во својата историја, Франција ќе игра во финалето на светското фудбалско првенство. „Триколорите“ кои се бранители на трофејот од Русија пред 4 години, вечерва во второто полуфинале на Мундијалот во Катар дојдоа до победа од 2:0 против најголемата сензација на првенството, селекцијата на Мароко и го потврдија фаворитскиот статус.
Со еден од најбрзите голови во полуфиналните мечеви на мундијалите, Тео Ернандез уште во 5. минута ги доведе светските прваци до водство од 1:0. Мароко во целото прво полувреме играше внимателно, креираше шанси, но за жал не успеа ниту една да претвори во гол.
Франција стабилно го почна вториот дел и успеваше да оддолее на неколку притисоци од африканскиот состав. Во моментите кога Мароко го креваше темпото на игра, следуваше една виртуозна акција на Мбапе, кој откако успеа да „наниже“ неколку противнички фудбалери упати удар кон голот на Боно, а топката од ногата на дефанзивците на Мароко се одби до Коло Муани кој ја спроведе во мрежата за водство од 2:0.
По овој погодок веќе беше јасно дека Мароко многу тешко може да направи чудо, а Франција умешно го чуваше водството и го потврди своето ново финале. „Триколорите“ досега имаат две светски титули од 1998 и 2018 година, а беа поразени во финалето во 2006 година. Финалниот меч Франција – Аргентина ќе се одигра в недела со почеток од 16 часот.
Мароко и Хрватска ден претходно (сабота, 16 часот) ќе го одиграат натпреварот за бронзениот медал.