Кевин Дурент прифати да биде дел од репрезентацијата на САД на Летните Олимписки Игри во Токио. По бројните откажувања, сепак одлучи да го облече националниот дрес и да се обиде со останатите соиграчи да донесе злато на овие Игри.
Многумина можат да го замислат „Дрим тимот“ без Дурент, но не и Грег Попович.
„Доколку Кевин кажеше дека нема да игра, ќе го молев, ќе плачев, ќе сторев се да го променам неговото мислење“, изјави Попович.
Предводникот на репрезентацијата на САД е воодушевен од одлуката на Дурент да биде со националниот тим
„Тој ја сака кошарката, сака да игра, сака да победува. Сака да биде дел од ова, тој е мотивиран. Ние сме среќни што има таков карактер, сака да биде дел од овој тим, да се соочи со предизвикот, го сака успехот, тоа е неговата цел“, изјави искусниот стратег.










