Вечерва (21 ч.) на митскиот „Вембли“, Англија ќе ја пречека Данска во втората полуфинална пресметка на Еуро 2020. Натпреварот се очекува со голем интерес низ цела Европа, откако вчера го дознавме името на првиот финалист, Италија.
Англија стигна до полуфиналето на многу убедлив начин и на девешниот дуел со Данска влегува како голем фаворит. Она што се наметнува како отворено прашање е дали Англија, конечно, е подготвена да го надмине проклетството од полуфиналните неуспеси. Од освојувањето на светската титула во 1966 година, тимот играше во три полуфиналиња, двапати загуби на пенали и еднаш беше елиминиран од Хрватска (2:1 на СП 2018).
Данска е сензација на турнирот. „Црвениот динамит“ се надева дека ќе го повтори она што го стори во 1992 година кога ја крена европската титула. И тогаш никој не ги ставаше во редот на фаворити, откако се квалификуваа на турнирот само поради елиминацијата на Југославија.
Секако дека Данците играат со вистинска страст и поради Кристијан Ериксен. Сите свои победи досега ги посветија на 29-годишниот плејмејкер, кој доживеа срцев удар на мечот со Финска и за влакно избегна смрт. Статистиката е на страната на „Трите Лава“. Во досегашните пресметки на двата тима, Англија има сериозна предност од 13 победи, 5 нерешени и само 5 порази.
Еуро 2020, полуфинале:
АНГЛИЈА – ДАНСКА
Веројатни состави:
АНГЛИЈА: Пикфорд, Вокер, Стоунс, Мегваер, Шо, Рајс, Филипс, Сака, Стерлинг, Кејн
ДАНСКА: Шмајхел, Вестергор, Кристенсен, Кјаер, Ларсен, Дилејни, Хојбјерг, Маеле, Дамсгард, Долберг, Брајтвејт










