Токио вчера се збогуваше со околу 11.000 спортисти кои во изминатите две недели беа дел од најновата Летна Олимпијада. Дел од нив од јапонската престолнина се враќаат со медали, дел само со незаборавни спомени за учеството на еден ваков спортски фестивал. Игрите во Токио, сепак, ќе останат запаметени по неколки работи.
Прво, кога Токио првично се кандидираше за Олимпијадата во 2020 година во 2013 година, очекуваше дека ќе потроши околу 5,2 милијарди фунти за организацијата на настанот. Сумата брзо се искачи на околу 9 милијарди фунти до крајот на декември 2019 година. Потоа стигна пандемијата „Ковид-19“, а едногодишното одложување додаде дополнителни трошоци за игрите, што ги прави меѓу најскапите олимписки игри што некогаш биле организирани, особено што беа без присуство на навивачи.
Мал куриозитет е тоа што Сан Марино стана најмалата земја што освоила олимписки медал. До оваа Олимпијада, Бермуда го држеше рекордот за најмала земја со олимписки медал, благодарение на бронзата за боксерот Кларенс Хил во 1976 година. Во Токио, овој рекорд го урна Сан Марино, кој има околу половина од населението на Бермуда, а благодарение на Алесандра Перили која освои бронза во женско стрелање се запиша во аналите на Игрите.
На другиот крај од листата, пак, е Бангладеш, кој го држи анти-рекордот за најголема земја која досега ниту еднаш не успеала да освои медал на Олимпијада, вклучувајќи ја и оваа во Токио. Земјата има околу 160 милиони жители и во Токио дојде со спортисти во четири различни дисциплини, но се уште сонува за олимписки медал.
Најмладиот освојувач на медал на Олимпијадата во Токио е Скај Браун од Британија. Таа има само 13 години, а се закити со сребро во натпреварите во скејтборд, кои дебитираа на овие Олимписките игри во Токио. Интересно, четири од медалите во овој нов спорт на ЛОИ во женска конкуренција им припаднаа на спортистки кои имаа 13 години.
На другиот крај на скалата, Абдулах Ал-Рашиди, пак, стана најстариот олимпиец што освоил медал на Олимпијадата оваа година, освојувајќи бронза за кувајт.