Европскиот шампион Италија заврши на третото место во Лигата на нациите откако попладнево во Торино ја совлада Белгија со 2:1. „Аѕурите“ стигнаа до утешната награда во мечот за третото место на турнирот откако во добро одигран меч ја совладаа Белгија, една од најсилните селекции во светот.
Сите голови паднаа во второто полувреме. Прво Николa Бареља го отвори резултатот на стартот на второто полувреме, а зголеми Доменико Берарди од пенал во 65. минута откако Кастањ направи прекршок во својот шеснаесетник.
Во продолжение на мечот Караско имаше убава шанса но ударот заврши во стативата, а во наредната акција Де Кетеларе постигна гол за намалување на резултатот во 86. минута. Сепак, Белгијците не најдоа начин да изборат продолженија и мораа да се задоволат со четвртото место .










