КОМЕНТАР НА 13.КОЛО: Секој има право на лош ден, па и Шкупи…

369

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ретко кој се надеваше дека победничката серија на лидерот и најголем фаворит за освојување на титулата во тековната сезона во ПМФЛ, ќе заврши во Ѓорче. И тоа кај Македонија ЃП која оваа есен игра далеку под очекувањата. Сепак, сепак треба да се знае дека “лавовите“ предводени од новиот кормилар Муарем Бајрами, екс стратег на чаирчани, полека но сигурно излегуваат од опасната зона на табелата.

И кога е така, а така е, очекувано беше Македонија ЃП да го одигра својот најдобар меч есенва. И кога ќе се одигра така, а против себе имате тим кој има лош ден, па секој може да има лош ден, тогаш тие 2:1 и не се така сензационални. Овие три бода за “лавовите“ се како планина, додека Шкупи речиси и да не загуби ништо. Барем, не многу. Уште ја има комотната разлика пред Шкендија, сега од 8 бодови, а пред “пандевци“ чаирчани имаат четири бода. Во таборот на Чаир треба да бидат нервозни само поради еден факт, а тој е дека примија гол во 90+2.минута со што го загубија мечот. На еден тим од калибарот на Шкупи тоа не смее да му се случи. Кога веќе не можеш да победиш, тогаш гледај по секоја цена да не загубиш. Тоа е старото фудбалско правило.

СЛЕДУВА НОВА ТРЕНЕРСКА СМЕНА

Работнички загуби од А. Пандев и тоа дома и тоа со 0:3. Струга ТЛ го победи Пелистер, Тиквеш славеше против Борец иако потешко од очекувањата, Брегалница се мачеше со “пиратите“ а Шкендија во дербито на Тетово, на крилјата на одличниот Гури, успеа да ја совлада Ренова. Оваа лига е интересна и поради тоа што секој секого може да победи. Веќе ништо, никаков резултат не е сензација, уште помалку изненадување.

Сега следува пауза од две недели поради обврските на нашите репрезентации во ноемврискиот циклус.

Сепак нема да има класична „пауза“. Ќе биде и тоа како интересно деновиве. Имено се очекува, барем според нашите информации, да има нова тренерска смена во два наши прволигашки клубови. Се разбира дека нема да откриеме за кои клубови станува збор, но оние што добро ги знаат приликите во ПМФЛ, секако дека ќе погодат за кого се работи.

Мала помош… едниот е Пелистер…чекаме уште на назнаување, официјално за нов шеф на струката по заминувањето на Димитар Капинковски.

ПретходноДејли Меил: Играчите не се повеќе на страната на Солскјер
СледноПаника во Лејкерси: Леброн два месеци во “аут“!