ФАНТАЗИЈА…
Ја растуривме Ерменија среде Ерменија. Каков настап, каква победа.
Браво Македонија. Супер Македонија. Феноменална Македонија. Триумф среде Ереван од 0:5 против Ерменија во претпоследниот меч од квалификациите за СП во Катар 2022 година. Најдобро издание на Македонија под водство на селекторот Благоја Милевски.

Фантастични беа момците на Милевски. Трајковски, трипати Барди, Ристовски Супер победа со која ги отворивме вратите од баражот, Сега мислите се кон Букурешт, чекаме кикс на Романија. Во недела играме со Исланд а Романија во Лихтенштајн.
АШКО СО СУПЕР АКЦИЈА, АЛЕКС „ТРЕСЕ“…
Македонија одлично го почна натпреварот во Ереван. Мирно, игра до нога, комбинаторика како што треба. Ова делуваше шокантно за Ерменците кои едноставно не знаеја каде се наоѓаат, што треба да прават. Нашата добра игра резултираше со водство и тоа во 22.минута, откако претходно Ашковски по таа десна страна направи дар – мар во домашната одбрана. Прекрасно асистираше до Александар Трајковски кој од само 5-6 метри го погоди голот на Јурченко. Апсолутно заслужено водство. Доминација, покажување на сила на нашиот А- тим. Така треба, браво момци. Да споменеме дека Ерменија беше најопасна по акцијата на екс – вардерцот Барсегјан, а Бријаско не успеа да го погоди нашиот гол. Да, малку среќа не на одмет.

МАЈСТОРИЈА НА БАРДИ И 0:2 ЗА МАКЕДОНИЈА
Тоа наше водство уште повеќе ги депримираше Ерменците, да, секако дека се обидуваа преку Мкхтарјан и Барсегјан да покажат што знаат, да „удрат“ по нашиот гол, но сепак без некаков успех. Нашите момци просто “везеа“ по теренот, знаеја што сакаат, знаеја што и треба да направат. И тогаш како награда на се она што беше покажано додје и тој втор гол. Топката дојде на околу 18 метри а мајсторот Барди покажа како се шутира. Го погоди десниот долен агол за 2:0 за Македонија, уф, какво водство, супер водство. Да кажеме дека и Трајковски можеше и мораше да погоди, но сепак на пауза се замина со два разлика за Македонија.
Одлична Македонија.
БАРДИИИИ И 0:3 ЗА МАКЕДОНИЈА
Вториот дел Ерменија го започна со две замени. Домашниот селектор Капарош се обиде да ја „размрда“ неговата селекција, но ништо посебно. Сепак се виде желбата на домашните што побрзо да дојдат до намалување на водство. Се јави и домашната публика, но ништо, Македонија до 60.минута имаше 2:0 в “џеб“.

И повторно Барди, сега од пенал во таа 66.минута за убедливи 0:3 за Македонија. Претходно пргавиот екс – вардарец Хамбарѕумјан го фаулираше нашиот капитен и се разбира тоа е панел. А Барди тоа нема намера да ги пропушти.
И тоа не е се. Милан Ристовски во 79.минута погодува за фантастични 0:4 за Македонија.
Во игра влегоа Атанасов и Тодоровски влегоа во игра и со тоа дебитираа за Македонија.
Сосема за крај Барди од пенал за 0:5.
Квалификации за СП Катар 2022
ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 0:5 (0:2)
Стадион „Вазген Саргсјан“ во Ереван. Судија: Хозе Марија Санчез Мартинез (Шпанија). Стрелци: Ашковски 22., Барди 36., (п) 66., (п) 90., Ристовски 79. (МАК). Ж. Картони: Костадинов (МАК).
Играч на натпревар: Енис Барди (Македонија)
ЕРМЕНИЈА: Јурченко, Хамбарѕумјан, Тертерјан, Калисир, Хофхансјан (46. Маргарјан), Удо, Мкхтарјан, Варданјан (46. Григорјан), Зеларјан, Барсегјан (73. Григорјан), Бриаско (73. Гелојан).
Селектор: Хоакин Капарос.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ашковски (84. Тодоровски), Муслиу, Велковски, Алиоски, Чурлинов (77. Ристевски), Барди, Елмас (83. Миовски), Костадинов (83. Атанасов), М. Ристовски, Трајковски (64. Спировски).
Селектор: Благоја Милевски.










