Македонската ракометна репрезентација го запиша првиот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство 2028 година, откако на гостувањето кај Грција беше совладана со 29-24 . Дефинитивно после долго време ова е една од најслабите изданија кога мислиме на пресметките со тимовите кои не се во Топ 15 листата и истата доаѓа во вистинско време, пред Светското првенство 2027 година.
Никола Костески имаше осум гола, Кузмановски имаше седум погодоци, Томовски 11 одбрани.
Грција го доби првото полувреме со убедливи 16-9. Македонија одигра очајни 30 минути, со многу грешки и промашувања, а особено разочара одбраната, која беше далеку од посакуваното ниво. Домаќините отворија со 5-2, а по краткиот одговор на нашите ракометари и намалувањето на 5-4, повторно ја презедоа контролата. Во 26. минута Грција имаше веќе убедливи 13-6, откако Македонија во тој период постигна само два, а прими осум гола.
Кирил Лазаров повика тајм-аут, но ниту тоа не донесе посакувана реакција. Кузмановски двапати не реализираше од седум метри, додека на спротивната страна Грција ја казнуваше речиси секоја грешка. Гогов запиша одбрана, а Петковски намали на 15-9, но на паузата домаќините заминаа со предност од седум гола (16-9).
Грција влезе силно на двапати поведе со девет гола разлика 18-9 и 19-10. Токму после големата негатива Македонија фати подобар ритам, со серија од 3-0 (два гола од седум метри реализира Никола Костески) дојде на 20-14 во 38-та минута, период во кој противникот имаше играч помалку на теренот. На стартот на 40-тата минута при 21-15, Петар Атанасијевиќ заработи директен црвен картон.
Сликата се промени, но на кратко. Македонија заигра многу подобро, искусниот Костески ја користеше секоја своја шанса, пред средината на првото полувреме резултатот беше 22-17. Лазаров одлучи во нападот да ги проба заедно Горига и Кузмановски, но ниту тоа не беше доволно. Грција леташе на теренот, во 52-та минута водеше со високи плус девет (29-20).
Томовски влезе во серија на одбрани, но и Грција го имаше Буковинас. До крајот немаше време за никаков пресврт, ниту пак за реми, се чекаше конечниот резултат.
Ова беше трет пораз од Грција во меѓусебните пресметки. Македонија во мај ќе има шанса за реванш, пред тој меч ќе одигра две средби против Шведска.










