Македонската ракометна репрезентација има негатива од 16-9 по првото полувреме на гостувањето кај Грција, во рамките на второто квалификациско коло за пласман на Европското првенство во 2028 година.
Нашите ракометари не личат на себе. Постигнаа само девет гола, двапати не реализираа од седум метри, а одбраната беше далеку од посакуваното ниво.
Очајно прво полувреме за Македонија, особено во почетните 11 минути. Грција отвори со 5-2, во период во кој нашите ракометари влегоа во серија грешки и промашувања, што домаќинот го искористи. Сепак, налетот на противникот беше прекинат. Томовски запиша две одбрани во низа, а Петковски и Кузмановски на спротивната страна намалија на 5-4.
Но, наместо да продолжи во ист ритам и да направи целосен пресврт, Македонија повторно влезе во резултатска агонија. Нашите постигнаа само два гола, а примија дури осум, па во 26. минута Грција веќе имаше убедливи 13-6.
Во меѓувреме, Кирил Лазаров повика тајм-аут обидувајќи се да ги разбуди своите избраници. Кузмановски промаши и седмерец, но ништо не функционираше. Одбраната беше на незадоволително ниво, а во нападот Македонија изгледаше бледо и немоќно.
Капитенот подоцна се поправи и реализираше од седум метри за 13-7, но потоа повторно беше непрецизен. Грција стигна и до највисоките осум гола предност (15-7), по што следуваше мал одговор од нашите. Гогов одбрани, а Петковски реализираше за 15-9. Сепак, на одморот домаќинот замина со предност од 16-9.
Кузмановски со четири гола е најефикасен во македонскиот состав, додека Петковски има три.
На Македонија ѝ претстои тешка задача во второто полувреме. Останува да се надеваме дека ќе видиме сосема поинакво издание на нашите ракометари.










