Барса пак не победи, одигра 2:2 против Осасуна (видео)

155

FOTO> Twitter/Osasuna

Екипата на Барселона продолжува со слабите изданија и со губење на бодови во шпанското првенство. Тренерот Чави беше принуден да направи претумбации во тимот, посебно во нападот затоа што ги немаше Фати и Депај, ги нема Брајтвајт, како и уште неколку фудбалери поради повреди, па и оној тим што истрча на „Ел Садар“ не успеа да победи.

Веќе три кола по ред каталонскиот џин не знае за триумф. Барса два пати водеше, прво Нико Гонзалес погоди, но изедначи Давид Гарсија. На почетокот на второто полувреме се случи интересен момент кога Алба во обид да ја исфрли топката го погоди Бускетс во раката во казнениот простор. Судијата не покажа пенал затоа што Шпанецот немал намера да игра со рака, ниту таа била во неприродна положба. Додека фудбалерите на Осасуна негодуваа, играчите на Барса тргнаа во контранапад и Мароканецот Абде Ез постигна гол.

Сепак, Осасуна извлече бод. Чими Авила натрча на одбиената топка по корнерот на својот тим и Тер Штеген немаше шанси да одбрани.

2:2 е конечниот резултат. Барселона остана на осмото место, а Осасуна е две места подоле.

ПретходноКрафт и Кобајаши победници во „Клингентал“
СледноБодо/Глимт ја одбрани титулата во Норвешка