Австриецот Штефан Крафт и Јапонецот Рују Кобајаши се победници на скокалницата во Клингентал во рамките од Светскиот куп. Вчера Крафт беше најдобар и зад себе ги остави Халвор Гранеруд и Камил Стох, додека денеска Кобајаши собра 262,8 поени и заврши пред Даниел Андре Танде (260,2 поени) и Мариус Линдвик (256,6 поени).
Јапонецот денеска немаше најдобри скокови но собра доволно поени за триумф. Првиот скок му беше 129,5 метри, а вториот 139 метри. Танде имаше втор скок од 141,5 метри меѓутоа остана втор поради послабиот прв скок од 130,5 метри.
Инаку ова е втора победа на Кобајаши сезонава по седум натпревари, а првата ја забележа во финскиот Рукатунтури.
Во генералниот пласман води Карл Гајгер со 414 поени, втор е Кобајаши со 316, а трет Штефан Крафт со 311.
Во женска конкуренција на двата натпревари во „Клингентал“ победи Австријката Марита Крамер која е и прва во генералниот пласман.
Следните натпревари се на 18 и 19 декември во швајцарски Енгелберг, а потоа почнува „Новогодишната турнеја“.
Во женска конкуренција наредното натпреварување е на 17 декември во австриски Рамзау.










