Марија Ковачева
Кирил Лазаров е најголемиот амбасадор на Македонија веќе со децении наназад. Најдобриот македонски ракометар 25 години го носи „црвено-жолтиот“ дрес, како што вели самиот во својата Автобиографија „Секогаш на победа“ – тој е војник на својата држава.
🇲🇰 „25 години го носев грбот, пеев химна, славев и тагував, давајќи голови и примајќи удари, сето тоа на начин на кој луѓето да бидат горди што сме дел од еден ист народ, македонскиот“, се дел од зборовите на Лазаров во неговото дело. 🇲🇰
Секогаш стои исправено пред предизвиците, никогаш не бара изговори, се издигнува после секој пад, неговата одлучност, квалитет, самодоверба и истрајност го донесе таму каде што е.
Кога треба се опише една величина како Лазаров зборовите се премалку, неговите дела, освоени трофеи, индивидуални признанија, рекорди и најважно неговата најголема одлика – секогаш стои цврсто на земја иако е име во светот, доволно говорат за него.

Ја игра последната сезона, на 41 година се уште е страв и трепет за противниците, а колку го сака ракометот и својата Македонија, го покажа на дело. Одлучи да прифати нов предизвик, на својот грб стави уште една тежина – селектор на својата држава. За нам изгледа голема тежина, но за него голем предизвик, секогаш во служба на Македонија.
Токму затоа, СПОРТМЕДИА одлучи да направи 🎄 новогодишно интервју со Кирил Лазаров, а кога станува збор за него, лист хартија, па и половина весник се премалку.
Се обидов да го скратам изборот, иако после секој разговор со него прашањата сами навираат. Но, дел ќе оставиме за следна прилика, теми и поводи со еден ваков соговорник секогаш ќе има.
Зад Кире е уште една успешна година во која стана селектор на македонската репрезентација и објави Автобиографија.
Почнуваме со националниот тим, кој на 13. јануари почнува нов европска битика, ќе биде дел од ЕП во Унгарија и Словачка.
🎄🎅 Колку ти легна улогата на селектор? Те плаши ли новиот предизвик што те чека, лидер на теренот и предводник на тимот на претстојното ЕП❓
„Точно 25 години сум дел од националниот тим. Токму поради овој аргумент мислам дека не ми требаше многу време за прилагодување во новата улога. Добро ги познавам работите внатре во тимот, како оваа репрезентација функционирала и како функционира. Секогаш во тие 25 години бев продолжена рака на стручните штабови за доброто на националниот тим.
Предизвиците треба да се прифаќаат и да се биде храбар. Свесен сум за обемот на работата и одговорноста која ја носам, но ја сакам својата работам и тоа го правам со огромен ентузијазам и посветеност.
Се вложувам максимално и сигурен сум дека со квалитетна и посветена работа ќе придонесам да го дигнеме нивото во националниот тим во сите погледи“.

🎄🎅 Каде ја црпиш енергијата сигурно е пеколно исцрпувачки да имаш вакви важни улоги❓
„Кога си добро организиран мислам дека може да се најде време за сите обврски, да се одработат квалитетно. Јас и мојот стручен штаб засега функционираме одлично. Организирано, со поделени улоги и одговорности ги исполнуваме сите зададени задачи, без голем некој стрес и напнатост.
Кога работиш нешто што го сакаш, тогаш не е проблем да се најде мотивација и дополнителна енергија“.
🎄🎅 Што можеме да очекуваме во Дебрецин? Имаме тешка задача (играме против Словенија, Црна Гора и Данска) само две репрезентации одат во следната рунда.
„Нашиот национален тим има благ пад во изминатите три години (СП Германија 2019, ЕП 2029 Австрија и СП 2021 Египет). На СП во Германија не успеавме да се пласираме во вториот круг, истото се случи и во Австрија на ЕП 2020. За Египет не би сакал да зборувам, се уште ми се свежи сеќавањата. Очигледно дека треба добро да анализираме зошто ни се случувале овие работи и да тргнеме по нов пат.
Покрај овие аргументи за изминатите три големи натпреварувања, сега немавме среќа ниту во ждрепката, за противници ги добивме Словенија, Црна Гора и Данска. Словенија на СП во Египет не победи со 10 голови разлика.
Стоиме цврсто на земја, но и со голема самодоверба ќе влеземе во овие дуели што не очекуваат против екстра квалитетни противници. Ние не можеме да очекуваме слаби противници, напротив треба да го подигнеме нашето ниво за да можеме да бидеме рамноправни“.

🎄🎅 Што ќе бараш од ракометарите, што е најважно за да се добие еден меч против Словенија или Данска❓
„Секој има и ќе има свои зададени задачи што ќе треба да ги пренесе на терен. Многу е полесно за секој играч доколку има своја улога во тимот и мислам дека добро работиме во таа насока, каде што и даваме задачи и улоги на нашите репрезентативци.
Максимален фокус, концентрација, мотивираност и пред се храброст, се работи кои што ги бараме секојдневно од нашите репрезентативци“
🎄🎅 Колку си задоволен од сезоната на останатите ракометари, дали некој посебно те изненади❓
„Не можам да бидам целосно задоволен. Слободно можам да кажам дека скоро никој од нашите репрезентативци немаат главни улоги во своите клубови. Во овој случај е тешко доколку немаш главна улога во клубот каде што настапуваш, да имаш во националниот тим и тоа против репрезентации како што се нашите противници.
Но, ќе пробаме да направиме колектив кој ќе биде препознатлив на терен и тоа ќе биде нашата на најголема сила“.
🎄🎅 Игравме против Египет и Кувајт, сега со Израел. Дали твојот систем веќе го прифаќаат играчите❓
„Од моето назначување како селектор успеавме да поставиме многу работи, поточно систем по кој ќе бидеме препознатливи иако имавме не повеќе од 25 работни денови во ЕХФ неделите. Како ќе поминува време ќе се надоградуваме и ќе бидеме се подобри. Ме радува посветеноста на играчите на тренинзите и видео-анализите“.
Автобиографското дело „Секогаш на победа“ е вистинска инспирација, не само за спортистите, туку и за сите оние кои немаат допирна точка со спортот. Во него Лазаров ја опиша целата своја кариера. Од Свети Николе до Нант. Го опиша патот на едно скромно момче кое одлучи да ги прифати сите предизвици кои ги нуди „суровиот“ свет. Откри моменти за кои само неговата сопруга Љубица била сведок, откри дека патот кон височините не е лесен, треба многу жртвување.

🎄🎅 Донесе уште една храбра одлука одлучи твоето богато ракометно патешествие да го пренесеш на хартија.
„Некако се дојде по природен пат. Чувствував потреба да го направам тоа, бидејќи имав и што да кажам, некако искрено и добро се чувствував кога работевме на Автобиографијата. Штом чувството е добро тоа е знак дека и треба да го направиш тоа за што си се одлучил“.
🎄🎅 Сето она што го напиша ти веќе го имаш поминато, но кога го препрочита, што ти помина низ глава❓
„Не се покајав за ништо, бидејќи ниту додадов, ниту пак одземав нешто од тоа што е вистина. Сите работи се поткрепени со аргументи и цврсто стојам позади тоа што го напишав во Автобиографијата“.

🎄🎅 Дефинитивно не е лесен патот до ѕвездите и до оние 56 трофеи и голем број на признанија, што е најважно во битката со предизвиците❓
„Најважна е вербата и решителноста да успеам. Не сум човек што се предава лесно, иако сум имал, имам и ќе имам многу препреки, и тоа од секаков вид.
Јас секогаш велам, ги почитувам само оние кои што се во континуитет добри и успешни без разлика во која професија се. Со гордост можам да кажам дека јас бев и се уште сум во континуитет квалитетен во изминатите 25 години“.
🎄🎅 Во автобиографијата има моменти кои многумина не ги знаат, има добри и лоши критики. Ти се налути ли некој? Какви се реакциите до сега, колкав е интересот❓
„Искрено до сега никој не изреагирал за ништо. Реакциите што доаѓаат до мене се многу позитивни, поготово од оние откако ја прочитаа книгата. Имаа реакции од типот: До сега ве ценев како спортист, откако ја прочитав книгата ве ценам уште повеќе. Искрено кога ќе слушнам или прочитам вавко нешто, чувството е одлично“.
🎄🎅 Оваа сезона треба да биде последна. Дали се промени нешто, дали можеби некоја понуда те колеба да ставиш крај на играчката кариера❓
„Јас точно го знам мојот пат и знам точно што сакам. Дека се чувствувам и се уште изгледам добро на терен, и најважно се уште придонесувам за тимот за кој што настапувам е факт. Никогаш не велете никогаш, но навистина не знам што треба да се случи за да ја променам одлуката“.
🎄🎅 Има ли Кире тренерска понуда❓
„Тренерски понуди секогаш ќе има, тоа воопшто не е спорно, но како и во играчката кариера треба да се оди чекор по чекор и да се одбере најдобриот и најквалитетниот пат“.

Јавноста многу малку знае за неговиот приватен живот, дел го дозна преку Автобиографијата. Кире е голем фан на Ѓоковиќ, ја почитува работата на Пеп Гвардиола, не гледам многу филмови, но затоа се опушта со добра музика.
🎄🎅 Во што Кире најмногу ужива, што најмногу те опушта❓
„Слушам константно музика, подоготово кога работам на компјутер или пишувам нешто. Музиката доста ме релаксира“.
🎄🎅 Има ли филм кој си го гледал повеќе пати❓
„Филмови, искрено поретко гледам поради тоа што немам време, но знам да изгледам добар на некое подлго патување кога одиме со тимот“.
🎄🎅 Покрај ракомет, кој друг спорт уживаш да го гледаш? Имаш ли омилен фудбалски тим❓
„Гледам тенис, фан сум на Новак Ѓоковиќ, за него би останал неспиен цела ноќ за да го гледам во живо. Човекот е неверојатен, ги знам неговите потези однапред и знам дека ќе победи кога сите мислат дека веќе го изгубил натпреварот.
Што се однесува до фудбалски тим, омилен ми е Барселона. Во последно време навивам и за Манчестер Сити поради Пеп Гвардиола, еден од моите омилени тренери“.
🎄🎅 Во која друга земја би живеел, освен Македонија❓
„Би можел слободно да живеам во Шпанија, без никаков проблем и во Загреб, една од моите омилени дестинации“.
🎄🎅 Што би посакал во Новата година❓
„Посакувам многу здравје пред се, трпеливост која што се помалку ја имаме помеѓу нас, чиста мисла и бистар ум.
Среќна Нова 2022 година и среќни Божиќни празници на читателите на Спортмедиа“.










