Мак-фудбалот во 2021: Сејдини, Вардар (ВТОРОЛИГАШ), пехарите за Шкендија и Силекс, Шкупи есенски првак!

673

Мак- фудбалот во 2021 година, се разбира тука нема да ја сметаме историската година на репрезентативен план, беше во знакот на пет настани. Тоа се реизборот на Муамед Сејдини за претседател на ФФМ, испаѓањето на Вардар во ВМФЛ – ЗАПАД, Шкендија како шампион, освојувањето на Купот на Македонија на Силекс за да потоа и кратовци испаднат во Втора лига, се разбира и есенскиот блесок на Шкупи во новата сезона кога на доминантен начин го освои епитетот – есенски првак во сезоната 2021/22.

-МУАМЕД СЕЈДИНИ:

На 14 март 2021 година се одржа Редовното Генерално Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија. Сејдини ја доби, апсолутно заслужено, апсолутната поддршка од делегатите. Па така од 53 присутни делегати на Собранието, старо – новиот предводник на Федерацијата доби „ЗА“ дури од 52. Работата на Сејдини и неговиот тим која во изминатите две години се покажа како успешна во развојот на мак – фудбалот беше причината тој да добие мандат  до 2025 година да биде на чело на ФФМ.

-ВАРДАР ВТОРОЛИГАШ:

Ако во таа скратената сезона 2019/20 Вардар ја освои титулата во ПМФЛ, тогаш во следната дојде до потоп. Беспарицата си го направи своето, Вардар во сезоната 2020/21 служеше како вреќа за “боксирање“ и ништо не можеше да го спаси. Па така нашиот најтрофеен клуб за првпат во историјата на Македонија испадна од елитната лига. Во ВМФЛ -ЗАПАД во есенскиот дел заврши како трет. Тешко дека експресно ќе се врати во елитата. Вардар сега има нови газди, но…

-ШКЕНДИЈА ШАМПИОН:

Во сезоната 2019/20 тетовци важеа како апсолутни фаворити за титулата,но самите си се виновни, просто му ја подарија титулата на Вардар. Сепак во следната сезона, Шкендија не ја повтори истата грешка. Тетовци ја вратија титулата во Тетово, не така доминантно, но сепак заслужено. Бесарт Ибраими и неговите соиграчи едноставно беа најдобри.

-СИЛЕКС ГО ОСВОИ КУПОТ:

Во едно од најслабите финалиња во Купот на Македонија во историјата, Силекс успеа да слави над Академија Пандев. Кратовци по долго, долго време го вратија трофејот во своите витрини, но потоа испаднаа од ПМФЛ. Сепак за разлика од Вардар, тој “нов“ Силекс предводен од Горазд Михаилов просто си се прошета есента во ВМФЛ – ЗАПАД, и само чудо може ги спречи кратовци да се вратат таму кае што им е местото.

-ШКУПИ ЕСЕНСКИ ПРВАК:

Доведи го Гоце Седлоски на клупата и твојот тим ќе биде прв. Во таа насока размислуваа чаирчани кои во април го ангажираа еден од нашите најдобри стратези. Прво се запозна со екипата во минатата сезона, имаше добар настап во квалификациите во Лигата на Конференциите, за да во есенскиот дел од сезоната 2021/22 беше незапирлив тој Шкупи.

Кога сме кај мак – фудбалот да кажеме дека четири наши екипи, Шкендија, Силекс, Шкупи и Струга ТЛ играа на евро – сцената, но само Шкупи мина едно коло. Стружани дебитираа, но не се посрамотија, напротив. Силекс беше елиминиран со примен гол во 90.минута, а Шкендија беше за жалење.

И сосема за крај, од 1 август нашата најдобра репрезентација доби нов селектор. На местотото на Игор Ангеловски кој цели 5,5 години ја предводеше селекцијата, доверба доби Благоја Милевски и веднаш ги оправда очекувањата. Ја однесе Македонија во баражот за пласман на СП во Катар.

ПретходноАлтин Лога најново засилување за Воска
СледноАлиоски ја „отвори“ новата година со гол, но и со пораз