По натпреварот со Естонија, селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Виктор Петровски, посочи дека националниот тим се наоѓа во процес на создавање, соочен со голема генерациска промена и со значително присуство на млади кошаркарки.
И покрај резултатот, Петровски го издвои карактерот, пожртвуваноста и односот на кошаркарките кон репрезентативниот дрес како особено важни елементи во оваа фаза од развојот на селекцијата. Потсети и на натпреварот со Романија, на кој Македонија го доби второто полувреме, како показател дека тимот има потенцијал да одговори на предизвиците.
„Мораме да бидеме реални дека сме тим кој е во процес на создавање, со многу млади кошаркарки и соочен со голема генерациска промена.
Она што особено сакам да го истакнам е карактерот на овие кошаркарки. Се бореа до последната секунда, веруваа и не се предадоа ниту во еден момент. За мене, како тренер, тоа е исклучително важно. Нивниот пристап, пожртвуваност и однос кон репрезентативниот дрес се нешто што навистина го ценам.
Ако се навратиме и на натпреварот со Романија, фактот што го добивме второто полувреме покажува дека можеме да одговориме на предизвиците и дека оваа екипа има потенцијал. Тоа треба да ни даде дополнителна самодоверба и мотив да продолжиме да работиме. Секако, свесни сме дека имаме уште многу работи на кои треба да работиме и да ги подобруваме.
Имам огромна доверба во оваа група. Верувам во нивниот квалитет, потенцијал и карактер. Имаат целосна поддршка од мене и ќе продолжиме да работиме заедно.
Најважно е да останеме заедно и да изградиме тим кој ќе се бори за секоја топка и за секоја победа. Јас верувам во овој тим и убеден сум дека со заедничка работа можеме да направиме многу повеќе во периодот што следи“, истакна Петровски.










