Стефан Ристиќ: Среќен сум што со моите голови Македонија победува!

2

Убави, прекрасни вести пристигнуваат од Трабзон каде во првата квалификациска рунда, иако треба да се одигра уште мечот со Турција, за У-17 селекции, Македонија забележа две победи во првите две кола и се најде во главната квалификациска рунда за пласман на ЕП 2027 година.

Македонија – Унгарија 3:2, Македонија – Сан Марино 1:0. И сите четири голови беа дело на фантастичниот Стефан Ристиќ, роден на 10.09.2010. Посебно одекна тој негов хет – трик протов Унгарците ако се знае дека водеа со 0:2, па Ристиќ донесе пресврт и победа.

Голгетерско ЧУДО! “МАКЕДОНСКИ ДИЈАМАНТ“! “БОМБАРДЕРОТ“ ОД МАКЕДОНИЈА, НОВИОТ ДАРКО ПАНЧЕВ… се само дел од насловите деновиве за младиот напаѓач на У-17 селекцијата.

А за “СпортСпорт“ младиот Ристиќ изјави:

“ Среќен и задоволен сум со прикажаното досега. Со двете победи над Унгарија и Сан Марино веќе изборивме пласман во елитните квалификации, а токму тоа ни беше целта. Ни останува уште еден натпревар против Турција. Силна репрезентација, но ние ќе дадеме се од себе и на овој меч бидејќи со победа ќе го завршиме овој турнир први во групата“.

За разлика од некои други, Стефан и покрај својата младост сепак е скромен и сака успехот и головите да ги подели со своите соиграчи:

“Секако среќен сум што со моите голови Македонија победува. Нормално среќен сум и за овие четири голови, но тоа не се само мои голови. За да ги постигнам јас, моите соиграчи мораат многу да работат и да ми озвоможат добри ситуации за да јас можам да реализирам. Ова е тимска игра и за овој успех сме заслужни сите, целата репрезентација и секако целиот стручен штаб.“ вели Стефан Ристиќ.

Инаку Стефан кој потекнува од школата на Македонија ЃП а сега е дел од младинците на Партизан Белград, е син на Стевица Ристиќ, легендарниот напаѓач на Силекс, кој во неколку наврати беше најдобар стрелец во ПМФЛ додека играше за кратовци. И Стефан посакува како неговиот татко еден ден да заигра за А – репрезентацијата на Македонија.

“Мојот сон е да заиграм и да давам голови за А-репрезентацијата на Македонија. Со многу работа, труд секако дека и тоа ќе дојде“ заврши фантастичниот Стефан Ристиќ.

ПретходноРафиња бесен по поразот од Јапонија: Игравме против судијата!