Дејан Георгиевски: Сребрениот херој од Олимпијадата кој ја „ЗАПАЛИ“ Македонија!

309

Спортски херој на 2021 година во Македонија секако дека е Дејан Георгиевски. Секоја чест за фудбалерите, Кире Лазаров и останатите спортисти, но среброто на ОИ во Токио на градите на Дејан во таеквондо, секако дека е нешто посебно. Македонија долго, долго, децении…чекаше на еден ваков голем, импресивен успех на Олимпијадите. И дојде на 27 јули 2021 година во таеквондо. Сега можеме и ние да се фалиме со една голема спортска супер – ѕвезда. Георгиевски е тој што просто ја “ЗАПАЛИ“ спортска Македонија во 2021 година.

Токму затоа „Спортмедиа“ посака да го одбележи успехот на нашиот Дејан со новогодишно интервју.

🎄 Дејане, минаа пет месеци од денот кога стоеше на олимпискиот подиум со македонското знаме и среброто на градите во Токио. Во повеќе наврати си истакнувал како си се чувствувал тогаш, кажи сега како е. Дали уште те „држи“ тензијата?

Мора да признам, необично е чувството. Искрено тогаш во тие денови и недели по Токио, по тоа финале, бев во „облаци“ што се вели. Се ми помина како во најубав можен сон. Секако дека ми беше криво што не беше злато, веднаш по финалето бев разочаран, но потоа навистина сите бевме радосни. И тогаш, па и сега, како да не можам да сфатам до каков успех сме дошле, и јас, но и мојот тим заедно со тренерите Борче и Дарко Костовски. Потоа следуваше големиот дочек на плоштадот во Скопје, приемите, поздравите од моите сограѓани. Треба да мине уште некои време за да конечно и јас, но сите ние сфатиме што значи ова за Македонија. И искрено, немав многу време за славење, по само неколку дена одмор почнавме со работа, со подготовките за следната Олимпијада во Париз 2024 година“ вели Георгиевски.

🎄 Како голем патриот, секогаш твоите успеси ги поистоветуваш со Македонија, со својот народ. Секако дека тоа е импресивно?

Да, апсолутно. Јас не кријам дека сум горд, многу горд Македонец. Тоа мене ми е во крвта, не може ништо да го промени. Ние спортистите во индивидуалните спортови се бориме, се натпреваруваме за себе, но исто така и за својата држава. Па има ли нешто поубаво кога ќе освоиш медал на СП или ОИ и во рацете го држиш знамето на својата земја, на Македонија. Секој мој успех, добар резултат е и успех на нашата земја. И не само јас, сите ние кои што сме членови на Таеквондо Клубот “Бутел“ сме такви. Ги почитуваме сите, но сме горди Македонци“.

ОДАМ ПО ЗЛАТО ВО ПАРИЗ…

🎄 Веќе напомена дека веднаш по Токио почна со подготовките за следната Олимпијада, онаа во Париз 2024 година?

Да, така е. Овој спорт е тежок и ако сакаш да бидеш при врвот или на него мора постојано и постојано да работиш. Секојдневно да тренираш, тука нема дилеми. Моја среќа е што сум опкружен од фанатици кога станува збор за таеквондо како спорт и затоа ми е полесно. Што се однесува до Париз верувајте дека се ќе сторам среброто од Токио, во Париз да го претворам во злато. Тоа ми е животна мисија кога станува збор за спортот“.

🎄 Многу малку се оние наши спортисти кои “пукаат“ од самодоверба, кои пред настапот јавно кажуваат дека одат по злато. Ти си еден од тие?

Да не звучи претенциозно, но јас навистина имав намера во Токио да го освојам златото, тоа ми беше целта, Моите изјави пред заминувањето на Олимпијадата не беа само некоја формалност или фалење. Видете, кога ќе успеете на еден турнир да дојдете до олимписка норма, тогаш на тој Олимпијадата се е можно. Јас многу добро знаев со кого ќе си имам работа. Но и таков сум по карактер, кога добро сум подготвен, кога сум здрав, тогаш одам на победа на секој меч. Ги респектирам сите, но верувам во себе, имам голема самодоверба. Мислам дека тоа ми помага“ вели Георгиевски.

БЛАГОДАРНОСТ ДО БРАЌАТА КОСТОВСКИ…

🎄 Се разбира, да се дојде до медал на ОИ не е мала работа. Потребни се денови, месеци, години напорна работа. Потребен е и тим кој е со тебе?

Апсолутно. Јас ја имам таа среќа што со мене се браќата Борче и Дарко Костовски, моите тренери. Тие се најзаслужни за сите мои успеси, потоа тука се останатите тренери, па спаринг – партнерите, мои клупски колеги од “Бутел“. И кога ми беше тешко сите тие ми ја даваа таа неоходна поддршка. Им верувам на Борче и Дарко, долго сме заедно како тим, знам дека во секој момент ќе добијам вистински совет, без разлика дали тоа е поврзано со таеквондо или за нешто друго. Еве јавно уште еднаш им се заблагодарувам за се она што го сторија за мене. Секако тука да ги споменам и моите најблиски, моето семејство“.

🎄 Ти си херој на младите, ти си миленик, поради тебе голем број деца почнаа да тренираат таеквондо?

Тоа ме прави повеќе среќен отколку самиот медал во Токио. Тој успех на ОЛ придонесе овој спорт да се прошири низ цела Македонија. Секако дека годи кога младите во тебе гледаат како херој, сакаат совет да им дадеш. Тука сум за сите, како некој што мене ми помагаше, така и мојата мисија е јас да им помагам и ги советувам оние кои сега се занимаваат со овој тежок, но прекрасен спорт“.

🎄 Дејан Георгиевски е спортист на Македонија за 2021 година. Како тоа тебе ти звучи?

Па, убаво, прекрасно. Можеби требаше тоа и порано да се случи, јас и порано освојував медали од ЕП и СП, но бадијала не рекле – што е твое ќе си дојде. Се разбира дека сум горд. Од толку успешни спортисти и успеси на нашата Македонија токму јас да бидам најдобриот, тоа ме прави среќен и задоволен. Нам спортистите тие награди ни се важни само од една причина. Тие ти даваат мотив за уште поголема работа. Сега како најдобар спортист на Македонија имам и обврска да ја оправдам таа награда. Годи, не велам не. Затоа со радост ја примам секоја награда, секое признание. Тоа признание е и за сите во тимот на Дејан Георгиевски. На крајот сакам да посакам многу среќа и успех во 2022 година на сите Македонци, на сите во нашата држава. Посакувам во Новата година сите ние да се радуваме на уште поголеми спортски успеси“ рече на крајот нашиот спортски херој за 2021 година Дејан Георгиевски.

ПретходноБлагојче Иванов е нов голман на Беса
СледноРенова го договори Зука!