Она што го најави СПОРТМЕДИА пред месец дена, денеска доби потврди. Поранешниот фудбалер на белградски Партизан и младински репрезентативец на Србија, Урош Дамњановиќ е најновото засилување на Брегалница за пролетниот дел од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.
26-годишниот фудбалер ги мина подготовките со Брегалница во Анталија, постигнувајќи и два погодоци во победата од 3-0 против казахстанскиот шампион Тобол.
„Среќен сум што доаѓам во амбициозен клуб како Брегалница. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата на сите навивачи на клубот, во желбата и за постигнување на зацртаните цели во престојната сезона“, истакна Дамњановиќ по официјализирањето на договорот со нашиот клуб.
Урош Дамњановиќ потекнува од фудбалската школа на белградски Рад. Во својата кариера има настапувано и за Телеоптик, Партизан, Раднички Ниш и Радник во Србија, како и за словачкиот шампион Слован Братислава.










