Стручна анализа – Мирсад Јонуз: Нашата голема шанса е Пепе!

5763

Мирсад Јонуз, стручниот коментатор на „Спортмедиа“ одново за читателите на нашиот портал со своја анализа, овојпат за тоа што може Македонија утре на “Драгао“ против силната Португалија во битката за Мундијалот.

Јонуз е еден од нашите најдобри стратези, минал многу во фудбалот, поранешен селектор на Македонија. Токму затоа има што да каже.

Како прво на нашите момци и стручниот штаб утре во Порто им ја посакувам сета среќа на овој свет. Јас сум горд како фудналски работник што ете репрезентацијата на мојата земја е на чекор до СП во Катар. Во земјата каде што до неодамна јас имав тренерски ангажман. Сакам да им кажам на нашите репрезентативци дека јас ќе ги чекам во Катар, уште отсега имам обезбедено престој на Мундијалот“ вели Јонуз.

Инаку и тој смета дека Португалија е фаворит на хартија,тука нема ништо спорно…

Па, тоа сите го знаат. Исто така сум уверен дека утре во Порто ќе ни биде потешко отколку во Палермо. Ние го победивме европскиот шампион, капа долу за тој историски успех, но Португалија според индивидуалниот квалитет е подобар тим од италијнскиот, затоа велам дека ќе ни биде потешко. Инаку јас сум голем оптимист и верувам во овие момци. Македонија треба да одигра исто како со Италија. Да ја забавува играта, да ги нервира Роналдо и компанија, да го троши времето. Нашите момци треба да им одат на нерви и на противничките играчи, но и на публиката, да не примат гол во раната фаза. Потоа секако дека домашните ќе ги фаќа нервоза, а ние ќе имаме шанса за гол, како што беше во Палермо. Ова ќе биде тежок меч и од психолошки аспект“.

Јонуз смета дека нашата голема шанса е Пепе.

Знам дека Португалија ќе нападне жестоко од првата секунда, но ние не смееме, барем на почетокот, да играме – бункер-систем. Нашата одбрана не смее да биде пред самиот гол на Димитриевски. Инаку нашата голема шанса се вика Пепе. И тој и неговиот соиграч од стоперската линија Данило, се премногу возрасни, токму затоа се спори, а тоа брзите Елмас, Тајковски и кој уште ќе игра во нападот, мора да го искористат. Имаат и они коридори по кои можеме да дојдеме до нивниот гол. Сепак мора да бидеме внимателни. Исто така треба да бидеме мудри, и ние имаме не толку добри страни, тоа селекторот го знае и секако дека ќе обрне внимание. Во секој случај тоа ќе биде битка до последен здив, влогот е премногу голем. Победникот оди на Мундијал, затоа очекувам беспоштедна битка, посебно од нашите момци“ заврши Мирсад Јонуз.

ПретходноИХФ ги прогласи најдобрите за 2021 година – Данците доминираат
СледноМанчини е „награден“ со златен тапир