По онаа блескаво издание на Шкупи на стартот од квалификациите во ЛШ, кога четата на Гоце Седлоски го победи Линколн со 3:0, вечерва уште две наши екипи играат во фудбалска Европа и тоа во Лигата на Конференции, први мечеви од 1.квалификациско коло. И тоа Шкендија против Арарат Ереван и Академија Пандев против Лехиа Гдањск.
Ако се навратиме малку низ историјата, кога сме кај тоа кои клубови имаат најмногу евро настапи, најмногу победи (н.з. Интер-тото купот не се смета зошто за тоа натпреварување не се добиваа рејтинг поени), тогаш ќе видиме дека Шкендија вечерва го игра својот 44 европски натпревар и ќе оди по 15. победа. Да се надеваме дека ќе биде така.
Шкендија има 14 победи, 7 ремија и 22 порази. Трипати играла во плеј – офот во Лигата на Европа (Гент, Милан, Розенборг) и не успевала да оствари историски успех.
Тоа го има Вардар, кој во 2017 успеа во плеј – офот во ЛЕ да го мине Фенербахче и да влезе во групната фаза, тоа е историски успех.
Вардар има и најмногу европски настапи, вкупно 66. Тука ги сметаме и оние за време на екс – СФРЈ. Вардарци на овие 66 средби забележали 13 победи, 17 ремија и 36 порази.
Сепак само Вардар има групна фаза.
Работнички пак има најмногу победи, дури 21. Клубот од Градски парк пред неколку години беше убедливо нашиот најуспешен тим во Европа. Има одиграно вкупно 58 натпревари, има 21 победа, 14 ремија и 23 порази. Има двапати играно во плеј – офот во Лигата на Европа (Лацио и Рубин Казан), но нема групна фаза.
Работнички во 2006 година беше многу блиску, стигна на чекор до пласман во групната фаза во ЛШ, но Лил беше пресилен, како и Вардар во 2003 година кога Спарта Прага не им дозволи на вардарци да се радуваат на групната фаза во Лигата на Шампионите.
ВАРДАР – 66
ПОБЕДИ: 13
НЕРЕШЕНИ: 17
ПОРАЗИ: 36
РАБОТНИЧКИ – 58
ПОБЕДИ: 21
НЕРЕШЕНИ: 14
ПОРАЗИ: 23
ШКЕНДИЈА – 43
ПОБЕДИ: 14
НЕРЕШЕНИ: 7
ПОРАЗИ: 22










