Јончевски: Пласман на ЕП по десет години пауза, ќе биде голем успех

271

Новиот предводник на нашиот сениорски национален тим Александар Јончевски, долги години беше во улога на асистент, од пред извесно време со одлука на раководството на федерацијата беше промовиран во наследник на Драган Бајиќ, со кого соработуваше во изминатиот период.

Од денеска почнува како прв тренер во нашата најдобра селекција која денеска замина за Маврово каде ќе биде почетокот на новиот циклус од квалификации, сега за пласман на ЕП во 2025 година.

„Да се биде селектор е чест, но и голема одговорност да се предводи овој тим во квалификациите за Европското првенство. Имаме нешто повеќе од две недели да се подготвиме за двомечот со Данска, а потоа следи Словачка на домашен терен. Се надевам дека ќе успееме да направиме една позитивна атмосфера и енергија, нешто што ја красеше оваа репрезентација со години наназад и една атмосфера која го донесе најголемиот успех во 2011 година на ЕП. Нормално, пласман на едно ЕП по пауза од десет години би бил успех за оваа репрезентација“– потенцира Јончевски пред почетокот на подготовеки чија прва фаза ќе биде реализирана во Маврово.

Овој месец со себе ги носи и првите обврски за новиот селектор. Веќе на 25 август следува првиот натпревар од групата „Д“ од вториот круг на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.

„Се надевам дека ќе успееме да внесеме една добра енергија и можам да ветам дека ќе бидеме подготвени за било што во однос на противниците. Ќе работиме една недела во Маврово, доволна да се поминат базичните подготовки. Нема да бидеме комплетни поради повреди и одговори кои ќе ги добиеме подоцна. Ни следи еден натпревар против Црна Гора, со оглед на тоа што во септември следи ЕП, не можевме да најдеме повеќе ривали за контролни натпревари. На овој дуел се надевам дека ќе видиме работи кои ќе може да ги искористиме со Данска и Словачка и тоа во комплетен состав. Можеби групата звучи неатрактивно, со Норвешка, Данска и Словачка, но ни влева голема надеж дека ќе го освоиме првото место кое единствено води во следната рунда. Норвешка и Данска како скандинавски земји вложуваат доста во кошарката и самото тоа дека нивните селекции во младинските категории се во А-дивизијата, а не можеме ние да се пофалиме со тоа, дава за право дека групата е тешка. Со Словачка игравме двапати во скоро време и во турнирски систем имавме победа од 20, но и пораз од скоро 20 разлика. Ниедна селекција нема квалитет со кој ќе отскокнува, туку моменталната атмосфера и мотивација ќе го реши победникот на овој натпревар“– смета новиот предводник на нашиот сениорски национален тим пред стартот на августовските подготовки.

ПретходноПрвиот тим на Ренова згасна кога клубот го доби најдобриот терен! (ФОТОГАЛЕРИЈА)
СледноГолманот Јагош Брауновиќ со трансфер од Охрид во Тиквеш!