Струмичани со нетрпение го чекаат кам-бекот на својот миленик на европската сцена. Струмица како освојувач на двојната круна ќе биде единствен македонски одбојкарски преставник во европските купови следната сезона, но за премиерата со холандски Апелдорн, струмичани се уште е знаат каде ќе бидат домаќини.
Поради некои зафати кои треба да се направат во салата „Парк“ во Струмица, се уште е неизвесно дали реванш мечот со Апелдорн ќе се игра во струмичката сала, или Струмица ќе мора да се пресели во Скопје.
„По барање на Холанѓаните направивме промена на термините за двете средби. Првиот меч ќе се игра кај нив на 20 септември, додека реваншот ќе биде кај нас на 27 септември. Неизвесно е само дали навреме ќе се завршат некои преправки на салата во Струмица за да се исполнат условите за организација на европски натпревар. Ако не, ќе мора да бидеме домаќини во Скопје“, вели Владо Милев.
Струмица деновиве го комплетира и ростерот за новата сезона. Останува да се почека промоцијата на тимот која е најавена до крајот на оваа недела.










