Пишува: Зоран Ѓоршоски
По долго чекање, откако мина цела една година, екс – селекторот Игор Ангеловски си најде тренерски ангажман и тоа во Горица, во тимот од елитната лига на Хрватска. Тоа беше некаде на почетокот на минатиот месец.
Со оглед на тоа дека станува збор за некогашен селектор на Македонија, јавноста кај нас со внимание ги следи резултатите на неговиот тим во ХНЛ.
И нема што посебно да се види. Пет натпревари во првенството на кои има четири порази и само едно реми. Ако се сметаат и оние три меча од ЕВРО 2020, кога ја предводеше нашата репрезентација во тие три порази, тогаш статистиката вели дека Ангеловски заборавил како се победува, односно заборавил кога последен пат неговиот состав победил.
Па, да се потсетиме. Последен пат тој победил на 4 јуни 2021 година непосредно пред настапот на ЕВРО и тоа дома со Казахстан, кога Македонија славеше со 4:0. Од тогаш па наваму, тој не знае што е победа. Сепак да кажеме дека неговото отсуство од тренерската работа беше една година.

Значи вкупно осум меча, седум порази и само едно реми.
По последниот пораз, вчера од Ријека на свој терен, коментарите на клупските социјални мрежи просто “зовреа“. Фановите и јавноста не се задоволни од резултатите на Горица и тие сметаат дека за тоа виновен е тренерот на нивниот тим.
Тој искоментира по мечот дека не се предава, дека допрва ќе дојдат подобри денови, но се чини дека веќе почна да му се ниша клупата, и тоа како.
Инаку јасно е дека нашите тренери тешко се пробиваат надвор. Тешко добиваат ангажман во клубови кои нешто значат. Ако веќе говориме за екс селекторите, тогаш најдобро минува Чеде Јаневски, кој беше успешен и како селектор на Македонија, и секогаш си има тренерска работа.
Неговото тренерско знаење се респектира и почитува.










