Коментар на 18.коло: Голеада во Маџари, шок за Силекс и Брегалница, “пиратите“ херојски до бод против есенскиот шампион

472

 

Пишува: Зоран Ѓоршоски

 

Вчера се одиграа сите пет мечеви од 18.коло во ПМФЛ. Па така заврши есенската полусезона. Се разбира дека треба малку времеработите и импресиите да “легнат“ во период од неколку денови за да се даде целосна анализа за тоа што ни се случуваше оваа есен во рамките на ПМФЛ, но секако дека треба да се даде осврт на настаните од последното коло за оваа година.

Во дербито, во скопската пресметка, Работнички и по шестипат во серија губи од Шкупи, вчера со 2:4. Допадлив фудбал, нешто над просекот за наши услови, голеада, поништен гол кој не требаше да биде тоа. Се разбира кога Трапановски ќе се разигра а Сандеј ќе почне во недела да дава голови тогаш тешко на ривалот, но што ли ќе беше ако на 0:1 за гостите, на Работнички му се признаеше голот кој поради наводен офсајд беше поништен.

Големо изненадување, ако не и сензација е победата, и тоа убедлива, на Македонија ЃП среде Кратово со 1:3. Силекс пред мечот важеше за апсолутен фаворит, „лавовите“ беа во ногдаун,но никогаш не можеш да бидеш сигурен кога тимот од Ѓорче ќе заигра како што треба. Момците на стратегот Бајрами можат да победат секого, но можат и да загубат од секого во ПМФЛ.

Брегалница одново ги шокира своите фанови. “Сините“ против Победа имаат 2:0, имаа се во свои раце или нозе, и на крајот спасуваа и бод. Без разлика што речиси цел меч играа со играч помалку, сепак овој натпревар требаше да се добие.

Тиквеш среде Струмица покажа сила, ја победи А. Пандев која е во очај. Цела есен игра најслабо во својата историја, и ако не се свестат во клубот може многу лесно следната сезона да играат градско дерби со Беласица, но сега во ВМФЛ.

Скопје одигра херојски, му зеде бод на есенскиот шампион Струга ТЛ, поточно му “откина“ два, но и дефинитиво покажа дека овој тим на Тупан и тоа како има намера напролет да се бори жестоко за изборување на опстанокот.

Сега малку ќе одмориме до 19 ферувари од ПМФЛ, барем од натпреварите. Сега започнува трансфер – лудилото, во кое во преден план ќе биде она кој кај ќе потпише, кој ќе си оди и слично…

ПретходноЛицето кое му удри бокс на кошаркарот на Работнички е вработен фоторепортер во КК Чаир!
СледноИако беа убедливо поразени, битолчани се оптимисти: Веруваме во победа против Бидасоа!