Битола се подготвува за утрешниот реванш дуел против Бидасоа Ирун во рамките на 6. коло во Европската лига. Е.Пелистер на гостувањето пред една недела беше целосно надигран и поразен со убедливи 32-20, резултат кој според ракометарите и стручниот штаб не е реален.
Ларс Валтер дел од причината ја гледа во бројните повреди кои ги снајдоа од стартот, смета дека пред своите фанови ќе одиграат многу подобро.
„Се обидуваме да ја вратиме нашата препознатлива игра, бидејќи во последните 5-6 недели со сите повреди кои нè снајдоа, играме поинаку, играме побавно. Имаме нов ракометар кој треба да го интегрираме и мора да се вратиме на нивото на игра од почетокот на сезоната. Работата на вчерашниот тренинг изгледаше добро, Хосни добро тренираше и верувам дека ќе додадеме брзина во нашата игра. Разговаравме и како да ги решиме проблемите кои ни ги создаде Агинагалде на првиот натпревар. Не бевме добри на првиот натпревар, тој е многу добар во напад, но исто така и многу спор во одбрана. Мора тоа да го искористиме, а во Ирун не го направивме тоа. Тој детаљ е еден од клучните кој може да направи разлика. Сите веруваме во добар натпревар и победа утревечер. Се надевам дека ќе ја добиеме поддршката од нашите фанови, иако како игравме лошо на последниот натпревар, не ја заслуживме. Го знаеме тоа и сакаме да оставиме добар впечаток пред божиќната пауза и ќе дадеме сè да ги освоите бодовите“, изјави предводникот на актуелниот македонски првак.
Дуелот меѓу Е.Пелистер и Бидасоа Ирун е закажан со почеток во 20:45 часот.










