Нетрпеливоста меѓу навивачите на Ливерпул и Манчестер Јунајтед е добро позната на островот. Меѓусебните препукувања по социјалните мрежи се секојдневие, но една меѓусебна провокација отиде и многу подалеку.
Имено, 39-годишен навивач на „црвените ѓаволи“ запознал девојка по име Ема на социјалните мрежи и завршил со девет часовно возење од неговиот дом во Шефилд до фарма во Шкотска за да ја запознае лично по неколку недели флертување на интернет.
Кога навивачот на Јунајтед пристигнал на точната адреса, „Ема“ ја немало никаде. Откако три часа поминал во лутање и барање на извесната девојка, добил повик од двајца момци кои му признале дека го излажале и дека нема никаква Ема во која се заљубил преку Интернет.
„Тоа беше суров чин. Ме излажаа“, изјави навивачот на Јунајтед, Стјуарт Слан, откако двајца навивачи на Ливерпул објавија снимка од телефонскиот разговор на интернет.
Триото се запознало додека биле на одмор во Канкун, Мексико, каде постојано се расправале за фудбалот, како што тоа и го прават навивачите на Јунајтед и Ливерпул. Слан се сеќава дека еден ден во Мексико дури бил фрлен во базен, но тогаш сè уште не знаел дека најлошото допрва му претстои. Навивачите на „црвените“ веќе испланирале нова шега која му ја подготвиле веднаш штом се вртиле дома создавајќи лажна сметка на социјалните мрежи каде се преправале дека се Шкотланѓанка по име Ема.
„Нема сомнеж дека момците од Ливерпул ме изработија. Беше брутално, но подготвен сум да признаам дека беше кул“, изјави Слан за Шефилд Стар.
Оригиналната снимка е отстранета од Youtube поради употреба на навредлив јазик.










