ПРИКАЗНИ ОД КРАКОВ: Магичниот дочек и суровоста на менувачниците!

897

Краков е град кој веднаш ќе те плени со сета своја убавина. Те обвива со магија, те понесува да ги гледаш работите поинаку, едноставно те прави да се чувствуваш полетен, изодените чекори веќе не се проблем. Веќе не мислиш на ништо, препуштен си на емоциите, бидејќи мисијата на оваа посета на полскиот град е македонската ракометна репрезентација.

Тука за нас Македонците утре стартува нов јануарски поход – учество на Светското првенство.

Како по обичај утрото пред главниот ден секогаш е тивко, се уште ја нема познатата македонска треска за која се потребни две работи. Нашите репрезентативци и незаменливата „Фаланга“, вака почнува секоја приказна на големите натпреварувања.

Кирил Лазаров и неговата чета ќе пристигнат денеска после 13 часот. „Фалангата“ веќе е на пат, а ние новинарите кои дојдовме ден порано, ја направивме задолжителната обиколка на градот.

За мене ова е прва средба со Краков. Мојот колега Ричи, само што пристигнавме понесен од она што го доживеал пред седум години, ми рече остави ги куферите, мора да излеземе да ти ги покажам местата каде што има одлична коленица, добро пиво…

Стигнавме до плоштадот, иако веќе заладуваше, сепак магијата на новогодишниот декор ми го стопли срцето, зошто Скопје за најубавите денови од годината ми даде само сивило. На големата елка, безбројните светилки, главен декор беа пајтоните, па после неколку минути веќе го засакав Краков.

По долгиот пат од Скопје и раскажувањата за вкусната коленица, одлучивме да пуштиме чекор и да го најдеме ресторанот, каде пред седум години, моите колеги уживале во вкусовите на полската кујна.

Поминавме неколку менувачници, на последната решив да променам пари. Во Полска освен картичка, мора да имаш и по некоја злота. Реков, ајде ќе сменам ситно, за да имам во џеб и нивни пари.

Водени од она што „букинг“ го дава како вредност на злотата, не удри шок во менувачницата. За 20 евра добив многу помалку отколку што мислев, курсот е различен.

„20 евра се толку злоти, ако смениш 100 ќе добиеш повеќе, курсот се менува и расте тогаш“, ми рече љубезно типот што работеше.

Зачудени со бројни прашалници излеговме од таму, мислевме дека сме ја погодиле најлошата менувачница, но вистината беше поинаква. Полјаците имаат чуден начин на функционирање, понудата за 100 евра и курсот стоеше секаде, дозволено им е да си прават шеми.

Па токму затоа сите што ќе дојдат ќе мораат да внимаваат, добро да гледаат оти „сатар систем“ добро работи во Краков.

Океј, заврши ова, на колегата Ричи му падна мака, едвај му го вратив расположението. Продолживме да одиме кон ресторанот. БИНГО, после седум години е на истото место, веднаш отворивме мени да видиме дали го нудат специјалитетот. Нарачавме коленица и секако пиво.

Цените се прифатливи. Од две до три и пол евра е пивото, најскапото е литро кригла тоа изнесува 5,5 евра, но има денови со промоција па може да се начека за многу подобра цена. Оние што се љубители на жесток пијалок, како на пример вотка ќе треба да одвојат од две евра нагоре. Кафето покрај прекарасниот плоштад ќе ве чини исто две евра.

Вечерта ја завршивме задоволни, бидејќи после над 1.300 километри конечно јадевме нешто добро, што не доаѓа од бензиска или пак ранецот со закуски од дома.

Денеска денот ќе биде поинаков, бидејќи денеска доаѓаат ракометарите,  улиците на Краков ќе почнат да пулсираат во знакот на Светското првенство, а ние допрва ќе имаме што да пишуваме.

За кого – за Македонија!

ПретходноРакометарите на пат кон Краков – Со срце за Македонија!
СледноГвардиола: Со таква игра немаме шанси против Манчестер Јунајтед