Момци само храбро, Македонија веќе е горда на вас!

211

Пред свирежот на судиската двојка во „Таурон Арена“ во Краков и интонирањето на македонската химна не делат часови. До денеска се изначитавме најразлични коментари од оние кои навистина добро го познаваат ракометот, до такви кои тријат раце и чекаат кикс на нашите момци во Краков, дел поради лични пресметки, дел од непознати причини. Напливи на омраза – колку и да сакаш.

Искрено, мене зборот кикс ми е неразбирлив, особено во ова време кога на најсупешната македонска репрезентација и се случува промена на генерациија и кога во составот ги немаме сите оние имиња кои мирно не водеа на големите натпреварувања.

Ние Македонците многу брзо забораваме, сакаме да ја задржиме историјата, но само кога станува збор политиката, сето останато што секогаш не радува, а не беше многу одамна, самите го бришеме.

Дојде моментот кога сите Македонци треба да бидеме сплотени. На терен ќе излезат момчиња кои гордо ќе ги носат дресот на нашата мала земја, момчиња кои нема да жалат за ниту еден удар, за ниту една капка пот…момчиња кои се подготвени да излезат од сопствена кожа само да ја направат својата нација горда.

Никој, ама баш никој не помисли, како им е на сите нив да ги читаат навредите упатени кон нив.

И покрај ова, од прв до последен денеска со жар во очите, гладни за борба го чекаат мечот со Норвешка, а потоа со Холандија и Аргентина. Повеќе од сите нас сакаат да го заверат билетот за Катовице и да се најдат во главната рунда.

Да уживаме во овие јануарски уникатни денови, кои веќе долго време ни се случуваат секоја година. Да гледаме од една поинаква перспектива, да бараме лавовска битка, да ги поддржиме во победи, да бидеме уште поголеми во поразите. Македонските знамиња вечерва гордо ќе бидат развиорени, благодарение на сите ракометари одново сме на Светско првенство.

Во Краков, Македонија врти нова страница, со седум дебитанти во составот сите веруваат дека можат да им парираат на далеку посилните противници, зошто да не веруваме и ние.

Момци само храбро, Македонија е горда на вас!

ПретходноНајденов промовиран во Локомотив Ташкент
СледноКако Македонија го памети Краков: Во силен состав – без ниту една победа!