Бурно во хрватскиот ракометен сојуз по завршувањето на СП во Шведска и Полска. Хрватите го освоија деветтото место што за РФ на Хрватска беше непријатливо и тотално фијаско. Па денеска е отпуштен селекторот Хрвоје Хорват, а разрешен е координаторот Лино Червар.
„По освоеното 9. место на СП 2023, со што не е исполнета зацртаната цел, а тоа беше четвртфинале и осигурување на олимписки квалификаци направена е исцрпна анализа па на седницата на Управниот одбор донесени се следниве одлуки:
Управниот одбор избра тројца потпретседатели на ХРС: Борис Месариќ кој ќе биде задолжен за соработка со Хрватскиот олимписки тим и другите спортски институции во Хрватска, Крешимир Ренцо Просоли за маркетинг и Зоран Гобац за машкиот ракомет.
Управниот одбор не го прифати извештајот на координаторот Лино Червар, па одлучи да го разреши комплетниот стручен штаб на сениорската репрезентација. Нов селектор е именуван Горан Перковац кој доби едногласна поддршка од УО. Притоа е укината функцијата координатор на струката поради што е разрешен Лино Червар.“, соопштија од РС на Хрватска.
Перковац од 2000 година работи како тренер. Тој беше селектор на Грција во 2007/08 и на Швајцарија од 2008 до 2013 година. Работел во неколку странски клубови како Винтертур, Кадетен Шафхаузен, Минден, а последен клуб му бил Криенц од Луцерн.