Тренерот на Барселона Чави Ернандез е воодушевен од настапот на неговиот тим на синоќешниот меч против тимот на Бетис и победата од 2:1. Каталонците сега имаат точно 50 бода на половина од сезоната, а досега примија само седум гола. Тренерот беше полн со пофалби за своите играчи и рече дека одиграле брилијантен натпревар.
“Многу сум задоволен од натпреварот. Многу го подобривме нашиот настап во однос на средбата со Гирона. Одигравме брилијантен натпревар. Денеска најважно беше да не ја загубиме топката и завршивме одлична работа со тоа. Доминиравме од почеток до крај“, изјави Чави.
Тој го пофали и настапот на Рафиња за кој се шпекулираше дека ќе си замине летото.
„Рафиња се снајде добро, не само поради постигнатиот гол, туку и поради работата што ја заврши во одбраната. Во последно време е многу критикуван, но тој всушност многу работи за тимот и ние многу го цениме. “ – , истакна стратегот на Барса.










