Следниот викенд стартува пролетниот дел во ВМФЛ, а ГФК Охрид Лихнидос си има свои амбиции. Клубот кој пред една деценија се натпреваруваше во ПМФЛ потоа влезе во едни “немирни води“ што би се рекло. Но во последните 12-15 месеци, ГФК Охрид Лихнидос важи за пример. И сетоа тоа поради претседателот Данчо Целески и спортскиот директор Гоце Толески. И двајцата се некогашни наши репрезентативци, фудбалски легенди на градот покрај Охридското езеро.
За “Спортмедиа“ токму Целески раскажува дека ГФК Охрид Лихнидос сега е некоја сосема друга приказна.
„Заедно со Толески, секако тука е и тренерот Пепи Џигероски, како и со помош на останатите во клубот, а секако пред се на градоначалникот Пецаков, како и претседателот на Советот на градот, успеавме во овој период да го поставиме клубот на здрави нозе. И за тоа сум многу среќен. ГФК Охрид Лихнидос веќе е успешна приказна. Се разбира дека тука се и некои други спонзори. Ова го велам зошто клубот сега има солиден буџет, никому не му се должи, сите обврски навреме си ги подмируваме. Има уште некои работи кои треба да се поправат за да јас, а и сите во клубот кажеме дека сме презадоволни. Она што беше од нас во оваа година и повеќе со голем ентузијазам го одработивме и сега сме свесни дека нашиот клуб и тоа како со други очи се гледа“ вели еден од нашите најдобри голмани во историјата, а сега прв човек на ГФК Охрид Лихнидос.
Целески не крие дека во пролетниот дел клубот си има свои амбиции.
„Влегуваме во пролетниот дел како шести. Имавме успешна есен, се надевам дека пролетта ќе биде уште подобра. Не сакам да звучам претенциозно, но ГФК Охрид Лихнидос ќе стори се да оствари што подобар пласман. Ако водечките екипи направат некој кикс, како и тие што се пред нас, ние ќе гледаме да ја искористиме таа шанса. Во секој случај приоритет ќе ни биде завршување со стабилизацијата на клубот, да ги завршиме сите започнати проекти, а потоа во наредната сезона да размислуваме за нешто повеќе. Знам дека нашиот град, нашите Охриѓани го сакаат клубот, го сакаат фудбалот. И ние како раководни лица, пред се јас како прв човек, имаме морална обврска да го однесеме ГФК Охрид Лихнидос таму каде што е и желба на сите наши фанови, кои верувајте дека не се малку. Пред се `Рибарите` како наша навивачка група.
Факт е дека ГФК Охрид Лихнидос има добар тим, но Целески и Толески успеаја да го засилат со уште двајца нови играчи:
„Во изминатиот зимски период ги донесовме Алтин Лога и Хусеин Демири, го вративме од позајмица Александар Ѓорѓиевски. Мислам дека имаме добар тим кој може да ги оствари своите амбици. Нашата желба е да играме фудбал, да играме квалитетен фудбал на радост на фановите. Секој кој што ќе дојде на `Билјанини Извор` ќе биде пречекан како што треба, спортски пред се, но ќе треба и тоа како се изнамачи да дојде до бодовите. Ако биде подобар од нас ние први ќе му честитаме, кој и да е. Сакаме фудбалот, пред се фер-плејот, да биде во преден план. Како некогашни фудбалери кои имале богати кариери, знаеме што тоа значи, и тоа ќе ни прави големо задоволство“.
ГФК Охрид Лихнидос како клуб не се грижи само за првиот тим, туку мислите се насочени и кон младите.
„Нашата младинска екипа се натпреварува во младинската Суперлига на Македонија, има е навистина талентирани дечиња кои со својот потенцијал кога тогаш ќе го даваат својот максимум за првиот тим. Нашата цел е ГФК Охрид Лихнидос да ги црпи сите таленти од овој крај, а новите играчи само да го надополнат квалитетот. Веќе е оформен голем стручен штаб, доведовме познати и признати тренери кои работат со нашите младинци и набрзо ги очекуваме плодовите на таа работа. Како што реков и претходно. Се гледа од сето ова досега кажано дека ГФК Охрид Лихнидос веќе е успешна приказна, останува само да продолжиме по зацртаните патеки. Јас сум голем оптимист, трудот кој што го вложуваме набрзо ќе ни се исплати на задоволство на сите во клубот“ заврши Данчо Целески.