Македонската одбојка потцрта уште еден ден со историско значење. Почна продажбата на билети за Европското првенство во машка конкуренција на коешто Македонија ќе биде коорганизатор во периодот од 30-ти август до 6-ти септември.
Во арената „Борис Трајковски“ ќе гостуваат великанот на светската одбојка Полска, поранешниот олимписки првак Холандија, Чешка, Данска и Црна Гора. Сегашната генерација во македонската репрезентација ќе има чест и привилегија третпат по ред да игра на континентален собир, но посебноста е во тоа што овој пат ќе настапува пред своја публика, иако очекувањата се дека ќе има и значителен број странски навивачи. Покрај ОФМ, денеска билетите во продажба ги пушти и Бугарија, а Италија и Израел тоа ќе го направат подоцна.