По репрезентативната пауза, МЗТ Скопје се враќа на обврските во АБА-лига и битката за опстанок во истата. Македонскиот првак на домашен терен (18 часот) го пречекува ФМП во рамките на 20. коло. Српскиот тим е уште еден голем фаворит во редот, се наоѓа на петото место на табелата, додека пак „сино-белите“ се уште се последни, едно изненадување ќе значи нов голем чекор кон остварување на целта.
„Имавме доволно време за одмор, поради што очекувам со голема енергија да влеземе во дуелот против ФМП. Играме против талентиран тим, кој игра одлично и кој со една нога е веќе во плејофот. Морам да ја пофалам работата на мојот колега, Ненад Стефановиќ, кој ја искористи шансата и кој направи неговиот тим да биде едно од најпријатните изненадувања во регионот изминативе две сезони. Очекувам квалитетен дуел, пред полни трибини, а сигурен сум дека моите кошаркари ја сфаќаат важноста на оваа пресметка за нас поради што ќе дадат се од себе за да дојдеме до посакуваната победа“, рече Драган Николиќ.
Слично на стратегот на МЗТ Скопје размислува и репрезентативниот центар, Бојан Крстевски. Главен удел ќе имаат навивачите, очекува да дојдат во голем број.
„Пред нас е исклучително важен натпревар во борбата за опстанок, во кој треба да го дадеме најдоброто од нас. Играме пред нашите верни навивачи, кои верувам ќе бидат во голем број на трибините од каде ќе ни ја дадат потребната поддршка. Наша примарна цел е да ја искористиме предноста на домашниот терен и на крајот да се радуваме на победата, која ќе ни биде голем потстрек за останатиот дел од сезонава во АБА“, рече Бојан Крстевски.










