Кошаркарите на Денвер веќе го обезбедија првото место во Западот пред стартот на плеј-офот, па не е чудно што тренерот Мелоун не сметаше на најдобрите кошаркари против Феникс. Неговиот тим беше совладан со 119-115 без помошта на Јокиќ, Мареј и Портер.
И во еден ваков состав Денвер го мачеше тимот кој го доведе Кевин Дурент, кој со 29 поен беше прв стрелец кај победникот, зад него беше Крис Пол со 25 поени. На другата страна Браун имаше 31 поен, а добра поддршка имаше од Џексон со 20 поени.
За Нагетси ова беше четвртти пораз во последните пет меча, нивното место останува на врвот, додека пак Феникс со седмата победа во низа го потврди пласманот во плеј-офот, ќе стартува од четвртото место.
Мајами на гостувањето кај Филаделфија славеше со 129-101 и ја оствари третата победа во низа. И покрај поразот домашниот состав го осигура третото место во Истокот пред почетокот на плеј-офот со скор од 52/28, додека Мајами е седми со 43/37.
За Мајами ништо не е сигурно мора да дојде до победа во Вашингтон и дома против Орландо, а Бруклин да ги загуби двата меча, за да остане на седмото место да го избегне учеството во плеј-ин.
Хиро и Батлер со по 24 поени беа први стрелеци, додека на другата страна Ембид постигна 21 поен и шест скока и не играше во последната четвртина.
Резултати: Орландо – Кливленд 94-118, Филаделфија – Мајами 101-129, Сан Антонио – Портланд 129-127, Јута – Оклахома 98-114, Феникс – Денвер 119-115.