Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија која по подолга пауза ова лето за првпат ќе исчекори на меѓународната сцена како учесник на Европската сребрена лига, првите три меча во групата ќе ги одигра на домашен терен.
Според ревидираниот распоред на натпревари во групната фаза, нашите одбојкарки натпреварувањето ќе го почнат со три дуели на домашен терен, по што ќе одат на три последователни гостувања. ОФМ го пријави сениорскиот тим во Европската сребрена лига, а во деби настапот, Македонија ќе игра во групата „А“ со Австрија, Естонија и со Летонија.
Во првото коло на 27 мај ќе ја пречекаме Австрија, потоа во Скопје ќе дојде Летонија на 31 мај, па на 3 јуни ќе ја пречекаме и селекцијата на Естонија.
Потоа следуваат сите три гостувања во периодот од 10 до 17 јуни кога редоследно ќе им гостување на Естонките, па на Летонија и на крајот на Австрија.
Завршниот турнир на најдобрите ќе се одржи во Австрија на 24 и 25 јуни.