Италија покажа зошто е светски шампион, Македонија одигра првенство за паметење

454

Италијанската одбојкарска репрезентација ја оправда улогата на фаворит и ја совлада селекцијата на Македонија со 3-0 во сетови во осминафиналето на Европското првенство. Во салата „Палафлорио“ во Бари, светскиот првак ја имаше публиката на своја страна, искуството, квалитетот и сето тоа го искористи. Нашите одбојкари веќе испишаа историја со пласманот во осминафиналето, меѓутоа „Аѕурите“, сепак, беа пресилни за нашите момци.

Во првиот сет покажавме „заби“, добро се држевме до 12-9, потоа Италијанците направија серија од три поени и отиде на +6. Македонските одбојкари стигнаа до 20 поени, но Италијанците го добија првиот сет со 25-20.

Во вториот сет домаќинот беше многу подобар, посилен во напад и експресно го доби со 25-12. И третиот почна со предност на Италијанците кои набрзина дојдоа до 6-2, натаму им беше многу полесно. И во овој сет полека ја билдаа предноста за на крајот да го добијат со 25-14 и со тоа и мечот.

Македонските одбојкари не се посрамотија. Со две победи и место во осминафиналето ја остварија првичната цел, а се натаму беше плус. За жал налетаа на силната Италија, загубија, но барем ја почувствуваа елитата, почувствуваа како е да се одигра против светскиот првак кој е најголемиот фаворит за нова круна.

Италија во четвртфиналето ќе игра со подобриот од дуелот Холандија-Германија.

 

 

ПретходноХаварија на Турција на ЕП – имаше предност од 2-0 и потоа доживеа елиминација
СледноСтартни состави: Македонија почнува и со Манев, Елези, Атанасов, Ашковски, Зајков…Алекс, Нестор и Адеми на клупа!