ГРК Охрид на дело покажа зошто во новата сезона ќе биде еден од претедентите за високите позиции во Супер-лигата кои носат излез во Европа. Избраниците на Стевче Алушовски дојдоа до убедлива победа на првиот меч и тоа против Струга, славеа со убедливи 17-25 на гостински терен.
Триумфот во езерското дерби го најавија уште на стартот, поведоа со 2-8, а потоа без проблем го диктираа темпото на оваа средба. На одморот резултатот беше 7-11. На теренот не се промени ништо ниту во продолжение, стружани немаа решение за далеку посилниот противник.
Ојлески, Шешиќ и Цицар постигнаа по седум гола кај победникот, на другата страна Бошњак постигна шест погодоци.
Во групата Б, Мулти Есенс со пораз дебитираше во Супер-лигата, на домашен терен беше поразен со 25-26 од Голден Арт. Гостите во првото полувреме во голем дел го имаа водството, отворија со 1-5, но домаќинот успеа да се врати и да изедначи на 7-7, по кои застана, па прими четири гола за негатива од 7-11. Оваа разлика беше и на полувремето (12-16).

Нешто слично беше и по одморот, Голден Арт имаше подобри моменти, но Мулти Есенс не дозволуваше брзо да го реши овој меч, се враќаше на гол разлика, а во последните минути, Даскаловски голманот на Голден Арт ја сочува минималната предност за победа.
Зад своето име запиша 19 одбрани, беше играч на натпреварот, Шилегов постигна седум гола. На другата страна исто толку гола имаше Карасманакис.










